Патник во автобус бил тешко повреден во една од вкупно седум сообраќајни незгоди што се случиле вчера само на подрачјето на Скопје, при што во пет сообраќајки со полесни повредни се здобиле шест лица, а во една била причинета материјална штета.
Од СВР Скопје информираат дека вчера сообраќајната полиција санкционирала пет возачи кои се движеле со брзина поголема од дозволената, а од сообраќај исклучила седум возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 11 биле без возачка, двајца почетници, а 15 имале нерегистрирани возила. Тројца возачи се казнети бидејќи поминале на крстосница на црвено светло.
Со 150 километри на час
Ова е билансот од само еден ден контрола на подрачјето на главниот град. Во септември Јавното претпријатие за државни патишта регистрирало над 13.300 автомобили кои се движеле со брзина од 150 километри на час само на Скопската обиколница, додека на патот Тетово – Гостивар – 3.921 возило.
Вкупната фреквенција на сите патишта во државава заклучно со септември годинава изнесува 490.735 возила. Автоматските бројачи, заклучно со средината на септември, покажуваат просечен годишен дневен сообраќај (ПГДС) со по околу 16.000 возила, а како најоптоварени со сообраќај меѓу државните патишта се делниците Велес – Петровец, Тетово – Гостивар и Миладиновци – Хиподром. По нив со околу 15.000 возила следат Скопје – Тетово, со околу 14.000 Велес – Градско, со околу 13.000 клучката Гевгелија до границата со Грција, Хиподром – Петровец…
ЈПДП има податоци за бројот и категоријата на возилата, брзината со која се движат и сообраќајното птоварување на 170 патни делници на државните патишта што ги добиваат од автоматските бројачи поставени на 70 локации и од петдневно броење на возилата, во текот на една година со мобилни бројачи на 99 патни делници на државните патишта.
– Тоа ќе бидат показателите, кои заедно со податоците добиени од Системот за управување со патишта (Road Asset Menagment System), врз чија основа во иднина ќе имаме предвид каде и какви рехабилитации треба да се прават, а не според нечии желби, вели директорот на ЈПДП, Зоран Китанов.
Со тоа, како што појаснува, ќе имаат слика за сите идни активности. Оптоварувањето, зависно дали е големо или не, ќе покаже каков асфалт треба да се користи при активностите. Тешкиот сообраќај оштетува и многу е важно да се знае со каква густина се става асфалт на одредена локација. Со тоа наута покажува каде, колку и како треба да се рехабилитира и реконструира, а не според нечија желба, прецизира Китанов.
ЈПДП почна да ги поставува автоматските бројачи од мај годинава. Во коловозот се поставени сензори (индуктивни јамки и пиезо-сензори), со кои се врши мерење на должината на возилата и бројот на осовините на возилата, што е основа за категоризирањето на возилата во девет. Со автоматските бројачи на возила се вршат мерења на 70 локации, перманентно, односно 24 часа 365 дена во годината. Проектот за кој е потпишан договор во 2017 година е во вредност од 550 илјади евра.
Со мобилни бројачи, пак, се вршат мерења на помалку фреквентните патишта. Тие се поставуваат на столбови на сообраќајни знаци и се оставаат 24 часа да собираат податоци, по што се исчитуваат и бројачот се поставува на друга локација. Тоа се прави пет дена во годината и се добиваат податоци за број на возила кои се движат по патот, пет категории на возила, како и брзина со која се движат. Детекцијата ја вршат со радарски систем. Со нив се заменува досегашното рачно броење.
– За целата патна мрежа на државните патишта имаме податоци за бројот на возила, категоријата и за брзината на движење. Податоците за брзината се користат за подобрување на безбедноста во сообраќајот, а ќе ги даваме на Министерството за внатрешни работи затоа што токму брзото возење е главна причина за сообраќајните несреќи, објаснува Кирил Каркалашев, помошник-раководител во секторот за одржување и наплата на патарина во ЈПДП.




