Демократскиот сојуз предлага примената на Правилникот за ставање во промет на генетски модифицирана храна за животни, да се повлече, бидејќи помеѓу експертите сé уште нема усогласен став за употребата на ГМО – храната, како и штетното влијание врз животните и луѓето.
Демократскиот сојуз ги повикува сите општини да донесат одлуки со кои ќе забранат производство на нивните подрачја на генетски модифицирана храна.
ДС ги поздравува општините (Велес, Охрид, Чашка, Могила, Валандово и Василево) кои се прогласија за ГМО „слободни“, со што на нивната територија нема да може да се произведува и користи храна настаната од генетски модифицирани организми.
Партијата на Павле Трајанов смета дека во услови на енормни загадувања на Скопје, Кавадарци, Неготино, Битола, треба да се зајакнат еколошките капацитети, а компаниите да ги исполнат обврските согласно оперативниот план за целосна примена на еколошките стандарди.
– Последните анализи покажуваат дека зголемени се канцерогените и белодробните заболувања, што ја наметнува потребата, сите институции, но и компаниите да водат сметка за примена на стандардите за заштита на средината во која живееме, реагираат од ДС.




