За неполни две недели од 5 до 18 јуни има вкупно 1883 позитивни на коронавирусот. ДСЗИ дневно издава по 1500 решенија за самоизолација и по 500 решенија на повратници од странство и луѓе во државен карантин.
„Во последните две недели издадени се 4 500 решенија за самоизолација за контакти и повратници од странство, без вчерашните решенија“, изјави за НОВА, д-р. Ирина Сотирова Бухова, директорка на ДСЗИ.
Во земјава има околу 40, а во Скопје има 20 големи кластери од прослави и собири. Сите овие кластери после 24 мај кога беа олабавени рестриктивните мерки и отворени угостителските објекти. Голем број од заразените од овие кластери не ги даваат контактите, кажуваат грешни податоци или пак одбиваат да ги примат решенијата за самоизолација.
„ Тоа се кластери мекици во Охрид , слава во Ресен, свадба во скопско Нерези, ифтарски вечери и масовни погреби. Не можам да поверувам дека полицијата не ги забележала овие настани“, рече Сотирова-Бухова на вчерашната прес конференција.
д-р. Ирина Сотирова Бухова, директорка на ДСЗИ
Таа вели дека од кластерот „свадба“ на кој имало околу 100 гости нема ниту еден контакт.
„Многу тешко успеваме да добиеме информации, ни кажуваат имиња и презимиња со неколку букви различни, непостоечки телефонски броеви и електронски адреси, грешни домашни адреси. Кога инспекторите ќе отидат да однесат решенија за изолација луѓето не ни отвораат врата и одбиваат да ги земат решенијата“, рече Сотирова Бухова.
Вкупно досега се издадени над 14.000 решенија за изолација. Од нив, 8.000 решенија се за изолација врз основа на контакти со позитивен, 3.000 се за домашно лекување и 3.000 за повратници од странство со направен корона тест.