Постојат спротивставени изјави за случајот во болницата во Битола каде пациент шест дена бил на интерното одделение иако се чекале резулати од тестот, изјави вечерва на прес конференција министерот Филипче. Тој најави дека случајот ќе го испита ДСЗИ и доколку е потребно ќе има стручен надзор.
„Имаше спротивставени изјави во болницата во Битола и затоа случајот ќе го испита ДСЗИ, ќе има стручен надзор ако е потребно. И тука и во Велес ќе важат истите правила како и во Охрид, никој нема да биде поштеден“изјави министерот Филипче.
Тестот на пациентот кој бил примен прво на одделот за психијатрија, а потоа на интерното одделение каде бил сам во соба, стигнал доцна синоќа, а бил земен пред пет дена. На него за тоа време му биле правени дополнителни испитувања, му била земена крв, ставен катетер, што предизвика голем револт кај вработените. Од денес скоро 15 лица од медицискиот персонал, вклучително и тројца лекари, се во изолација, иако директорката Билјана Гагачовска, тврди дека биле заштитени.
„Сите вработени беа со заштитна опрема. По добивање на резултатот еден лекар и 2 медицински сестри се ставени во самоизолација, на одделот за психијатрија еден лекар, 4 медицински сестри и еден болничар, на ургентен исто еден лекар и 2 медицински сестри. Вчера и така им беше последен ден на работа на оваа група, па доаѓа следната група која не беше на работа две недели, така се менуваат“, изјави Гагачовска.
Пациентот бил примен во битолската болница на 10 април со психијатриска дијагноза, а наредниот ден на 11 април му бил земен брис поради претпазливост бидејќи одел да зема терапија во дневната болница во Демир Хисар каде што имаше заболен лекар, но немал контакт со него. Дури синоќа откако пристигнал резултатот од тестот 47 годишниот пациент е сместен на Инфективното одделение.
Гагачовска тврди дека нема опасност по вработените бидејќи сите се заштитетни, имаат доволно маски и ракавици, но нагласи дека скафандери се користат само на инфективното одделение.
Како што веќе објави НОВА, случајот ги крена на нозе граѓаните во Битола, а лекари и друг медицински персонал реагираа бурно и на социјалните мрежи.




