Државниот санитарен и здравствен инспекторат објави фотографии и снимки од медицинскиот отпад кој во петокот беше откриен во контејнери на булевар Македонија во непосредна близина на Синлаб.
Медицинскиот отпад наместо да се складира во специјални контејнери се фрлал во контејнери за комунален отпад што е потенцијална опасност по здравјето на луѓето. Надлежните велат дека ќе се бара одговорност согласно законските процедури.
Инспекторатот за животна средина на град Скопје и ДСЗИ во два наврати извршиле инспекциски надзор при што евидентирале поголеми количини медицински отпад фрлен во контејнери за комунален отпад.
Со цел спречување на поголем инцидент веднаш беше повикана фирма лиценцирана за управување со медицински отпад од страна на која медицнскиот отпад беше соодветно отстранет, а по налог на ДСЗИ контејнерите беа дезинфицирани, велат за НОВА од ДСЗИ.
Од ДСЗИ велат дека заедно со Инспекторатот на Град Скопје во текот на утрешниот ден ќе преземат соодветни постапки согласно законските прописи.
Од овие две институции апелираат до граѓаните доколку забележат фрлен медицински отпад во контејнери за комунален отпад веднаш да ги известат, со цел заштита на здравјето на граѓаните.








