Реакција од ДУИ за споменикот на Цар Душан. Тие ја обвинуваат опозициската ДПА дека е одговорна за поставувањето на овој споменик, како потписничка на проектот „Скопје 2014“. Но, од партијата на Ахмети продолжуваат да не одговараат дали како партија на власт имаат сознанија за институцијата што го нарачала споменикот на Цар Душан, објавува Алсат-М.
„Споменикот на таканаречениот „Цар Душан“ во Скопје, како и целиот проект „Скопје 2014“ е дел од злобниот подарок што ДПА им го даде на сите Албанци од времето кога ги узурпираше институциите без волјата на Албанците. Албанците многу скапо ја плаќаат цената на жедта на ДПА и Мендух Тачи за власт. Јавно ја прашуваме ДПА да ни каже нам, но и на сите Албанци – уште колку други „изненадувања“ испланирале за Албанците до 2014 година, уште колку споменици усвоиле уште од 2007 година?“, се вели во реакцијата на ДУИ.
Експресна реакција од ДПА: „По 6 години на власт, во два мандата, по 6 усвоени буџети со парите на Албанците да го финансираат проектот „Скопје 2014“, денеска, без никаков срам, Али Ахмети и ДУИ го направија последниот обид да се оправдаат пред своите гласачи за делата на владеењето на Груевски. Ова последното, со поставувањето на споменикот на Цар Душан е врв! Можеме да замислиме како се чувствуваат тие што ги гласаа Али и ДУИ, кога тие ви ги поставија „Цар Душан“ и многу други „цареви“ среде Скопје. Но, денешната реакција е врв на навредата“, реагираат од ДПА.
Граѓанското движење „Разбуди се!“ го повикаа градоначалникот на Центар уште утре „да го сруши овој срам за Македонија“.
– Денес, се наоѓаме пред споменикот на овој окупатор и убиец на Албанци и Македонци, за да поставиме неколку прашања: Кој го постави и кој го финансираше овој споменик? Уште колку споменици ќе се постават како дел од овој проект кој што граѓаните го казнија на последните избори? Албанците не се согласуваат со поставувањето на споменик на окупаторот и убиецот цар Душан во Скопје. Дали се согласуваат Македонците!? Каде се албанските споменици? Сметаме дека почитувањето на еден српски окупатор е србофилија – рекоа на денешната прес конференција од Разбуди се!, која ја одржаа пред споменикот на цар Душан.




