Поддржувачите на ДУИ денеска во 17 часот ќе излезат на мирен протест заради поставување на 52-метарскиот крст во општина Бутел.
Како што соопшти на прес конференција градоначалникот на Чаир, Изет Меџити одлуката на Општина Бутел имала единствена цел, преку инструментализација на верата за политички цели, да провоцира и прозиведе етнички тензии и етнички судири во Македонија.
Претседателот на ДПА Мендух Тачи им порача на граѓаните да не паѓаат на, како што наведе, овие провокации.
– Мислам дека тоа е веќе видена игра на двајцата партнери секогаш пред избори да се спечали некој политички поен, а тоа не е добро. Пораката до ДУИ е дека сите овие проблеми би требало да се решаваат во институциите на системот и тука на пример да донесат одлука албанското знаме да се употреби во Парламентот, а не на улица, рече Тачи.
На прашањето дали активностите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ можат да предизвикаат подлабока безбедносна криза во земјава, лидерот на ДПА одговори дека не верува во тоа, бидејќи сме под силен мониторинг и на секој ќе му се стават поените било негативни, било позитивни и тоа мора сите да го сфатат.




