На синоќешната седница на Претседателството на ДУИ донесена е одлука да се охрабри претседателот Али Ахмети и другите партиски раководни структури да продолжат разговорите со ВМРО-ДПМНЕ за воведување на нов стандард во изборот на кандидат за претседател на државата.
-ДУИ очекува официјален одговор од коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ. Доколку предлогот не биде прифатен се отвора можност за други алтернативи. Доколку пак, не се постигне меѓуетничка, не е исклучена внатреетничка коалиција, како што имаше за локалните избори, но тоа сепак не е добра порака за иднината на државата, изјави портпаролот на ДУИ Бујар Османи.
Според него трета опција е разговор со опозициски партии од македонскиот блок, а четврта опција е самостоен настап на ДУИ. Сепак, нагласи Османи, ДУИ е фокусирана на првата опција.




