ДУИ испрати последен апел до партнерот во владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ околу идејата за консезуален претседател. Ако не ја прифати, ДУИ ќе побара Албанците да не учествуваат на овие избори, јавува Алсат- М.
„Ако се отфрли тоа значи дека Македонија во наредните пет години ќе има претседател кој ќе биде неприфатлив за една третина од населението. Ние сме принудени да го браниме достоинството на Албанците, нивната волја и да не дозволиме да му дадеме лажен легитимитет на еден претседател“, рече Бујар Османи, портпарол на ДУИ.
Меѓу опциите на ДУИ се и предвремени парламентарни избори.
„ДУИ најсериозно ја разгледува можноста и за предвремени избори за да се ослободи простор и целата енергија на општеството да се фокусира на решавање на спорот за името“, додаде Османи.
За разлика од ДУИ, ДПА на Мендух Тачи одлучи да учествува на претседателските избори со свој кандидат. Непосредно пред почетокот на состанокот на претседателството, кога и се очекува да биде одлучено за името на кандидатот, пратеникот на ДПА, Орхан Ибрахими изјави дека погрешната политика на ДУИ ја принудува ДПА да предложи кандидат.
„Нѐ принуди дволичната политика на ДУИ, која длабоко си поигрува со чувствата на албанскиот народ, бидејќи тие мислат дека Албанците се толпа, дека се неорганизирани, а ние велиме дека Албанците се многу организирани и ја имаат својата албанска партија која ќе се кандидира со албански кандидат. Игрите што ги прави ДУИ, по многу искрената и достоинствена понуда што ја направи ДПА за заедничка платформа, претставуваат потценување на албанската интелегенција. Мислам дека сега веќе на Албанците им е јасно дека таа многу лошо играше и со социјалдемократите, и со ВМРО ДПМНЕ, божем за македонски консензуален кандидат“, изјави Орхан Ибрахими – пратеник на ДПА.
Ибрахими рече дека името на кандидатот на ДПА за претседател на државата ќе биде објавено во текот на утрешниот ден на конференција за медиумите.




