На територијата на главниот град, вчера се случиле вкупно осум сообраќајни незгоди. Од нив три се со последица материјална штета, четири со последица телесни повреди во кои со полесни повреди се здобиле двајца возачи на патнички моторни возила, еден сопатник и еден пешак.
Една несреќа со еден загинат се случила во 16 часот и 50 минути на регионалниот пат Скопје – ХЕЦ „Козјак“ во атарот на село Варвара, во која учествувале патничко моторно возило „Голф“ со скопски регистарски таблички, управувано од граѓанин на Скопје и товарно моторно возило ТАМ со скопски регистарски таблички.
Како последица од незгодата, возачот на патничко возило „Голф“ им подлегнало на повредите во ГОБ „8 Септември“, едно лице се здобило со тешки телесни повреди, сопатник во патничкото моторно возило, а со полесни телесни повреди се здобиле пет лица, еден возач на товарно моторно возило и четворица сопатници.
Според евиденцијата на сообраќајната полиција, случени се и две незгоди со мала материјална штета во коишто е пополнет Европскиот извештај.
Од страна на сообраќајната полиција вчера откриени и санкционирани се деветмина пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин или, пак, поминале на црвено светло на семафор за пешаци. Преземени се мерки и према четворица возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај, петмина возачи не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин и петмина возачи кои не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците, како и 22 возачи кои непрописно ги паркирале своите возила на автобуските стојалишта, на обележан пешачки премин и во зона на крстосница.
Со помош на специјалното возило „пајак“ од страна на сообраќајната полиција отстранети се 83 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.




