Двајцатса работници од компанијата „Југохром Фероиалојс“ од Јегуновце кои вчера со потешки повреди на главата и на телото беа донесени во Скопје остануваат на лекување во Клиничкиот центар.
Како што информираат од таму за НОВА, едниот пациент е префрлен на Неврохирургија на интензивно лекување, кој има повреди на главата, а другиот кој се здобил со набиеници во абдоменот е префрлен на Дигестивна хирургија.
Работниците В.З(49) од Копанце и З.Т( 48) од Јанчиште биле повредени додека работеле на дигалка во погонот три над печката при засега се уште докрај нејасни околности, информира СВР Тетово.
Според портпаролот Марјан Јосифовски, тие веднаш биле префрлени во тетовската клиничка болница од каде како итни случаи биле упатени на клиниките во Скопје.
Увид на местото од несреќата извршиле полицијата, истражен судија и јавен обвинител, местото е фотодокументирано и подигнати се траги од крв за вештачење, појасни Јосифовски.
Според неговите информации, годинава во тетовско, без вчерашниот инцидент, се случиле 7 несреќни случаи при работа во кои еден работник почина како последица на пад додека изведувал градежни работи на објект во Тетово пред месец и половина.




