Ново движење под името „Разговори за иднината“ беше промовирано во Скопје од дваесетина поранешни и еден сегашен функционер на СДСМ.
Според нив, платформата треба да биде алтернатива на СДСМ и да ја реафирмира социјалдемократската идеја, за која сметаат дека не е добро артикулирана од партијата под водство на актуелниот лидер Венко Филипче.
Групата, предводена од поранешниот потпретседател на СДСМ Игор Ивановски, се претставува како ново движење – алтернатива на СДСМ. На настанот присуствувале поранешниот генерален секретар Никола Ќуркчиев, Емилијан Станковиќ, некогашните потпретседатели Андреј Петров и Гордан Георгиев, пратеничката Славјанка Петровска, која се бореше за претседателското место во СДСМ заедно со Венко Филипче, како и лидерката на Либерално демократската партија и пратеничка Моника Зајкова.
На собирот наречен „Разговори за иднината“ од јавните личности присуствувале и адвокатот Звонко Давидовиќ и политикологот Ненад Марковиќ.
Во соопштението по собирот, учесниците порачаа дека опозицискиот простор не се пополнува со нови партии, туку со идеолошка и вредносна (р)еволуција.
„На Македонија и е потребен нов општествен договор како основа за создавање широк опозициски потенцијал за промени. Прогресивната демократска јавност има потреба од суштинска, објективна дебата, која за да ја погоди целта мора да биде ослободена од вообичаената потреба за допадливост кон партиските авторитети”, се наведува во соопштението.
Во него беше нагласено и дека собирот, кој се одвиваше под наслов „Разговори за иднината во 12:05“, е нова демократска платформа за подигнување на нивото на општествената дебата.
„Времето на часовникот е симболична порака дека веќе е доцна, но не смееме да дозволиме да стане предоцна за Македонија”, велат учесниците.
За целта на оваа движење има поделени мислења.
Некои велат дека се спрема нов политички субјект, но многу поголем број е на оние кои веруваат дека целта е внатрешна револуција,преземање на СДСМ и избор на нов лидер.




