Летниот распуст е во завршна фаза, до почетокот на новата учебна година остануваат уште недели, па родителите почнаа со подготовки на своите деца за училиште. Се купуваат тетратки, училиштен прибор, ранци и останат училиштен материјал, но за разлика од минатите години сега цените се повисоки во просек за 50 до 60 проценти.

Така, сега за опремување на едно прваче во просек се потребни меѓу 5.000 и 6.000 денари, за разлика од пред пандемијата кога трошоците за прваче се движеа од 3.000 до 4.000 денари.

Од книжарниците, кои се најпосетувани во овој период од годината, информираат дека цените на училишните материјали се зголемени од 50 до 60 отсто за разлика од минатите години, односно пред почетокот на пандемијата.

Семејствата кои од септември ќе имаат прваче, треба да одвојат околу 3.500 денари за моливи, за пенкала, за боички, за ножички и несесер со вклучен прибор, од 500 до 1.000 денари за тетратки, а трошоците за ранец се движат од 700 до 3.000 денари во зависност од моделот и квалитетот.

За учениците од второ до деветто одделение има за нијанса помали трошоци, велат од книжарниците, затоа што можеби учениците сè уште имаат материјали од минатата година и можеби нема да купат нов ранец. Така, нивните трошоци би се намалиле за 1.000 до 2.000 денари или за околу 27 отсто помалку.

Најголем скок на цените има кај тетратките што, според книжарниците, се должи на поскапувањето на хартијата. Ако цената на една мала тетратка пред пандемијата била 10 денари, сега за истата тетратка се плаќа двојна сума односно 20 денари. Поквалитетните тетратки кои пред пандемијата можеле да се купат по цена од 30 денари, сега се поскапи за 33 до 50 отсто односно нивната сегашна цена се движи од 40 до 45 денари.

Истото се случува и со фломастерите за кои оптималната цена пред пандемијата беше 65 денари, а сега се продаваат по цена од 95 денари. Поскапен е и останатиот училишен прибор.

Од книжарниците велат дека цените зависат од брендот и од квалитетот на материјалите. Може да се најдат и поевтини и поскапи материјали.