На локалните избори 2021 доаѓањето на Данела Арсовска беше поздравено со труби. Атмосферата што се создаде по нејзината победа направи од Арсовска нова вмровска икона. Данела тогаш нејзината политичка припадност ниту ја одрече ниту ја потврди. Поддршката од ВМРО-ДПМНЕ и годеше иако во ниту еден момент не ја призна.
Цвеќето за добредојде сепак дојде од нејзиниот претходник Шилегов, додека пак ВМРО-ДПМНЕ ја дочека со политичка сметка за поддршката. Како бизнисменка таа одлично знаеше дека секоја направена сметка треба да се плати. Вклучително и сметката за нејзиниот избор на престижната функција градоначалник на метрополата. По вокација правник а по магистерска титула економист, на Арсовска не и пречеше математиката со која седна на тронот. Молчешкум ја прифати штиклирајќи ги со зелено директориските кандидати што и ги испрати Мицковски.
И Мицковски не штедеше зборови за пофалба. „На Скопје му е потребно способен и подготвен менаџер на градот, личност која ќе ги обедини најспособните и најкомпетентните за да се гарантира неговиот развој“, рече тој соопштувајќи ја поддршката за Данела Арсовска пред одржувањето на локалните избори, нарекувајќи ја неговата денешна лута непријателка „личност со импозантна биографија и со докажани и признаени успеси“.
Мицковски говореше со нескриено одушевување за Арсовска. Ја претстави и како меѓународен експерт кој ги креира политиките за интегритет за лидерите на земјите на Г20 и дека е дел од раководството на Светската федерација на комори со 12.700 комори. „Само четири жени во светот се носители на таа функција. Такви луѓе треба да ги преземат работите”, рече тој.
Ова ставање на пиедестал не траеше долго. Не издржа ни цела година. Арсовска и Мицковски денес се во војна обвинувајќи се меѓусебно за корупција со вокабулар кој ги премина границите на пристојност во јавна комуникација.
Оценувајќи ги првите месеци од нејзиното градоначалникување, новинарот Владо Апостолов за Призма ќе напише дека “по теркот на најдобрите пракси од груевизмот Арсовска си обезбедила комфорна комуникациска средина”. “Одлучи да им се обраќа на скопјани секој понеделник преку порталот Инфомакс кој не ја крие наклонетоста кон ВМРО-ДПМНЕ”.
Сега кога војната со Мицкоски ја достигна кулминацијата, Арсовска реши своите ставови наместо во својот медиум да ги каже пред целата јавност, обвинувајќи ги сменетите директори дека се „со рачињата во медот”, а на адреса на нејзиниот доскорешен ментор испрати порака дека „никогаш нема да излезе од тендер матрицата”. Тоа „никогаш” веројатно значи дека според Арсовска тој во таа матрица бил „секогаш”, вклучително и кога ја честеше 118 илјади гласови на изборите за скопски градоначалник и кога и ја донесе победата на тацна.
Сликата што денеска е присутна на политичкиот подиум на метрополата е осамена и гневна градоначалничка, напуштен „љубовник” и градски претпријатија во непрекината директорска транзиција. Вмровските директори што Арсовска ги постави на почетокот на мандатот, паднаа и веќе на нивно место има нови кои допрва треба да ги учат тајните на менаџментот. Парализа на градската управа на Скопје е најмалку што може да се очекува.
Не е тешко да се предвиди и дека оваа конфронтација ќе се пренесе и на пониско ниво, меѓу Арсовска и градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ на скопските општини, а со оглед на тоа дека градоначалничката на Скопје е и претседателка на ЗЕЛС ќе се отвори и ново бојно поле со сите градоначалници низ земјава. Победата што триумфално ја прогласи ВМРО-ДПМНЕ пред помалку од една година, може да се претвори во голем пораз за функционирањето на локалната самоуправа во целата држава.
Пречистителната станица што скопјани ја чекаат со децении може да биде колатерална штета во оваа војна за тендери како што веќе се нарекува во јавноста. (С.К.)