Стотици граѓани и активисти на движењето #Протестирам попладнево повторно маршираа низ скопските улици. Тие денеска обележаа еден месец од насилните протести во кои што беа приведени воглавно млади лица, и повторно побараа оставка од премиерот Груевски.
Маршот започна на булеварот „Климент Охридски“ во непосредна близина на Владата, а продолжи прво до министерството за правда, а оттаму кон библиотеката „Браќа Миладиновци“, а колоната демонстранти се движеше зад слоганот „Од 5. мај до крај“.
Демонстрантите извикуваа „Оставка“, „Оди си диктаторче“, а пред министерството за правда му испеаа и песна на премиерот.
Демонстрантите порачаа дека премиерот мора да си поднесе оставка и дека мора да се случат суштински промени.
-Главна цел е да се даде глас на граѓани и да се укаже дека општествената ситуација е – народот, против една корумпирана авторитарна врхушка на власт. Ги повторуваме нашите барања, оставка на Груевски, правна одговорност, даваме поддршка на осудените и приведените од 5. мај па наваму и третото барање е дека не смее да се направи козметичка промена на власта, туку мора да се случат суштински промени, истакна активистот Анастас Вангели.
Протестот заврши пред влезот на библиотеката „Браќа Миалдиновци“, каде активистите потсетија на упадот на специјалните единици на полицијата ноќта на 5. мај во читалната, барајќи демонстанти меѓу присутните студенти.
-Тука сме да дадеме уште еднаш поддршка за сите студенти кои беа тепани, за сите кои завршија во притвор, за сите политички затвореници на 5. мај, посочи активистот Дејан Лутовски.
-Од 5. мај до крај, ќе одиме секој ден. Мораме да се сплотиме и да протестираме сите заедно, затоа што сите имаме иста кауза, а тоа е да падне оваа власт и конечно да си ја вратиме државата назад. Затоа ги повикувам сите на секој протест да бидат сплотени заедно, рече активистот Огнен Јанески.
На протестот му претходат низа герила-акции кои движењето #Протестирам ги организираше во неколку наврати досега. Активистите досега симболично ги пломбираа институциите, објавија потерница на скопскиот аеродром со лицата на екс функционерите Сашо Мијалков и Миле Јанакиески, а минатата вечер со барокни костими присуствуваа на претстава во Театарот Комедија, каде на половина претстава си направија селфи со мобилните – телефони и ја напуштија салата, во знак на револт кон партизираноста во уметноста и театарот.
Од #Протестирам денеска упатија апел до сите граѓани да излезат на улица и да го изразат револтот.
-Ги повикуваме сите наши сограѓанки и сограѓани да излезат на улиците! Оние кои не се во Скопје, ги охрабруваме да се самоорганизираат во своите места на живеење низ Македонија и дијаспората и на свој начин, со протест, да го изразат сопствениот револт! Да протестираме против отстапки за насилството и неправдата, со пораки за мир и правда против авторитарната култура!, стои во повикот на #Протестирам.




