Во јуни оваа година се издадени 277 одобренија за градба, што е за 13,4 проценти помалку во однос на јуни лани. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3.691.127.000 милијарди денари, што е за 19,2 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во Скопскиот регион се издадени 73 одобренија од кои најмногу во Илинден (24), во Карпош (16), во Аеродром и во Петровец по шест, во Кисела Вода и во Бутел по три, итн.

Предвидена е изградба на 550 станови со вкупна корисна површина од 40.493 метри квадратни. Најголем дел од становите, 388, ќе се градат во Скопскиот регион, а од вкупната бројка, 215 во Аеродром, 84 во Кисела Вода, 26 во Петровец. Во Битола се планирани 78, во Струга 26, итн.

Од вкупниот број  издадени одобренија за градење, 132 (47,7 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 57 (20,5 проценти) од нискоградба и 88 (31,8 проценти) за објекти за реконструкција.

Од 277 објекти, на 147 (53,1 процент) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 130 (46,9 проценти) инвеститори се деловни субјекти.