Со цел никој да не биде пропуштен во пописот, Државниот завод за статистика (ДЗС) од утре ќе им овозможи на граѓаните да можат да отидат на одредени локации во нивните општини и да ја завршат својата граѓанска и законска должност, соопшти на денешната прес-конференција Јасмина Ѓоргиева од ДЗС.

Таа образложи дека тоа се однесува на оние граѓани кои поради некоја причина не успеале во изминатите 20 дена да остварат контакт со попишувачот, односно попишувачот поминал во нивниот пописен круг, но не ги нашол во моментот дома, оставил или не оставил порака, едноставно не бил воспоставен контакт.

– Тие граѓани ќе можат да појдат на овие локации во нивните општини и да се попишат. Овие локации, за секоја општина во државата, ќе бидат објавени попладнево на веб-страницата https://popis2021.stat.gov.mk/ и за сите подетални информации граѓаните ќе можат да се обратат и на телефоните што се објавени на веб-страницата, во контакт центарот на ДЗС каде ќе ги дадеме сите потребни информации, нагласи Ѓоргиева.

Таа напомена дека ова се однесува на оние граѓани каде попишувачот веќе поминал, но не успеал да оствари контакт со граѓаните.

Ѓоргиева информира дека влегуваме во последна фаза од пописните активности на терен, кога се привршуваат сите активности што се спроведуваа последните 20 дена, кога попишувачите и нивните реонски инструктори ги посетуваат сите пописни кругови, ги проверуваат и се обидуваат да откријат дали некој е пропуштен.

– Тоа е и целта на пописот. Никој да не биде испуштен, односно да биде опфатено целото население кое живее на територија на Република Северна Македонија, нагласи Ѓоргиева.

Потсети дека пописот трае до четврток, 30 септември, а попишувачите работат интензивно на терен, од 8 до 20 часот. Им порача на граѓаните кои досега не биле попишани, да бидат трпеливи и да очекуваат дека следните денови ќе бидат попишани. Додаде дека некои граѓани ќе бидат опфатени последните три дена од пописот.

Заклучно до денеска до 12:00 часот попишани се вкупно 1.395.000 граѓани, над 435.000 домакинства и над 600.000 станови. До денеска заклучно до 12:00 часот се самопопишани 195.477 граѓани од дијаспората, информираше на денешната прес-конференција портпаролот на Владата Муамет Хоџа.

Тој од името на Владата се заблагодари до сите граѓани кои веќе ја исполниле таа граѓанска должност и апелираше до остантите во земјава и до сите во дијаспората кои досега не се попишани да го сторат истото.

– Остануваат уште само шест дена до реализирањето на процесот на регистрација на нсселението, домаќинствата и становите, посочи Хоџа.