18 лица од Хрватска кои во изминатите месеци престојувале во Африка биле задржани под надзор поради опасноста од вирусот ебола, пишува хрватски Јутарњи лист.
Станува збор за 17 морнари и работници на нафтена рафинерија во Нигерија, како и еден војник кој бил дел од мировна мисија на ОН во Либерија.
Иако немале никакви симптоми кога се вратиле во Хрватска, според инструкциите на хрватскиот Завод за јавно здравство санитарната инспекција на загребскиот аеродром ја информирала епидемиолошката служба за нивното пристигнување.
Тие се ставени под надзор превентивно. „Во случај во текот на 21 ден, колку што трае инкубацијата, да се појават зголемена температура, главоболка, кашлање или омалаксаност тие мораат да се пријават кај епидемиологот кој им е доделен. Ако за тоа време не се разболат, опасноста за нив минала“, изјавила д-р Горанка Петровиќ, епидемиолот на хрватскиот Завод за јавно здравство.
Вирусот на еболата не се пренесува преку воздух како вирусот на грип, туку со директен контакт со крв или други телесни течности од заразени лица.