Европската енергетска заедница поведе прекршочна постапка против Македонија. Државава се откажала од учество во регионалната берза на струја, непосредно пред да стартува европскиот проект, обелодени првиот човек на Европската енергетска заедница, Јанез Копач во ексклузивно интервју за 24 Вести.
Со какви последици ќе се соочи земјава ќе одлучи министерскиот совет.
„Според договорот за основање на Европската енергетска заедница, прекршочната постапка е слична како таа во ЕУ, каде на крај судот решава за постапката. Но во ЕЕЗ немаме суд, но на крај одлучува министерскиот совет, кој е политички орган, но во ваков случај има улога на суд“ изјави Јанез Копач, директор на Европската енергетска заедница.
Во исто време, европскиот регулатор испорача забелешки и за игнорирањето на националниот акционен план за обновливи извори на енергија. Оваа обврска мора да се испочитува – предупреди Копач.
Досега, во регионот прекршочни постапки се отворени против Србија и Босна и Херцеговина. Неразделување на Србија гас, како оператор на гасоводот и набавувач на гас и неусвојување на ниеден закон за гас од страна на официјално Сараево се причините за поведување на прекршочните постапки.