Египетската војска упати ултиматум до претседателот на државата Мохамед Морси и неговите опоненти, кои изведоа милиони лица на улиците, во рок од 48 часа да постигнат договор, или армијата ќе се наметне на „мапата на политичкиот пат за решавање на кризата“.
Масовните протести на кои се бара заминување на претседателот Морси во соопштението на армијата се опишани како „величенствени“, јавува Макфакс.
Морси потекнува од исламистичкото движење Муслиманско братство, чие политичко крило го претставува владеачката Партија на слободата и правото.
Опозицијата, која бара Морси да си замине, составена е од секуларни и либерални муслимани, како и од христијани.
Војската во соопштението нагласи дека „нема да биде страна во политиката или власта“, но додаде дека нејзина одговорност е да реагира брзо со оглед дека националната безбедност на Египет е во „сериозна опасност“.