Европската комисија ја поздрави веста дека конечно е постигнат договор за составот на Комисијата за истрага на настаните од 24 декември. Петер Стано, портпарол на комесарот за проширување на Европската унија во изјава за МИА потврди дека во ЕК со задоволство е примена информацијата дека власта и опозицијата постигнале договор за Комисијата.
– Создавањето и резултатите на оваа Комисија се суштински елемент на политичкиот договор од 1 март кој стави крај на политичката криза по настаните од 24-ти декември. Се надеваме дека ова ќе го отвори патот за спроведување на други важни елементи од тој договор, вели Стано во изјавата за дописникот на МИА.
Гласноговорникот на Филе и ЕК вели дека сега се очекува Комисијата за истрага на ланските собраниски настани да работи експресно и заклучоците и наодите да бидат обелоденети во блиска иднина.
Не треба да се губи повеќе време, ја пренесува Стано, пораката на еврокомесарот Филе.