Европската комисија и Европскиот парламент доцна синоќа го поздравија потпишаниот Меморандум за стратешката цел – членство во Европската унија на Република Македонија, кој го потпишаа сите партии, освен ДПА и Либералната партија, што се претставени во македонскиот Парламент.
– Ние сме свесни за потпишувањето на Меморандумот и во моментов го проучуваме текстот. Во принцип, Комисијата ги охрабрува и поздравува меѓупартиските договори за ЕУ-агендата, како и превземените чекори што водат кон инклузивна соработка на сите засегнати страни со цел да се исполни стратешката цел на европската интеграција. Овој Меморандум, исто така, го поздравуваме и како дел од спроведувањето на договорот од 1 март, вели портпаролот на Комисијата, Петер Стано, во изјава за МИА.

Известувачот на ЕП, Ричард Ховит, еднакво го поздрави Меморандумот:
-Повеќето партии веќе би реклe дека поединечно тие ги поддржуваат аспирациите за ЕУ на земјата, но фактот дека тие се дојдени заедно да го потпишат овој Меморандум е многу позитивен сигнал дека домашната политичка дебата во земјата може да се префрли далеку од било какви прашања што може да предизвикаат нови блокади во процесот на пристапување во ЕУ.
Го поздравувам фактот дека меморандумот доаѓа од договорот да се формира комисија за истрага, и сум лично горд што помогнав да посредувам.
Имплементирање на извештајот на Комисијата за истрагата за настаните од 24 декември и неговите препораки е исклучително важно.
Сега кога овој Меморандум е потпишан велејќи дека сите партии ќе ги решат разликите преку дијалог, тоа може да помогне на земјата да направи напредок во другите реформи што може да значи дека ќе биде во многу подобра позиција за да се добие победа на гласањето во Брисел, стои во соопштението на Ховит.
Овој потег на македонските политички партии доаѓа во време на финализација на прогрес-извештајот на ЕК, кој е најавено дека ќе биде објавен на 16-ти октомври.
Како што изјави вчера за НОВА, Павле Трајанов, лидерот на Демократскиот сојуз, тоа што лидерите на парламентарните партии не дошле на потпишувањето е сигнал дека тие не и придаваат доволна важност на евроинтегративните процеси на Македонија.




