Европската Kомисија (ЕК) во средата за првпат даде рок за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, со што и официјално би почнале преговорите со двете држави за членство во Унијата пред крајот на француското претседателство на 30 јуни, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји пред посетата на Софија порача дека за три недели повторно ќе се врати таму во обид за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение во македонскиот спор со Бугарија. Власта, пак, смета дека, иако земјава сака да ги почне преговорите со ЕУ, тоа да не биде по секоја цена и на штета на државните интереси.

Вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ синоќа истакна дека месец јуни, како термин за добивање на датум, е споменат од ЕУ поради геополитичката ситуација со војната во Украина и дека Владата сака да ги почне преговорите со ЕУ, но не по секоја цена и на штета на државните интереси при решавањето на прашањето со Софија.

„ЕУ е таа, која притисната од геостратешката ситуација, почна прва да го споменува јуни како датум. Тоа значи дека има некое чувство на ургентност во ЕУ. Меѓутоа, ние немаме намера да направиме чекор кој ќе ги наруши нашите интереси“, рече Маричиќ.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, по средбата со висока делегација на француското МНР, рече дека ги цени напорите што Франција ги вложува во насока на одблокирање на евроинтегративниот процес и одржување на првите меѓувладини седници со Северна Македонија и Албанија, уште за време на француското претседателство со Советот на ЕУ.

„Почетокот на пристапните преговори и членството во ЕУ е геостратешка инвестиција за стабилност и просперитет за земјите од Западниот Балкан, но и за Европа, особено во актуелниот геополитички контекст“, напиша Османи.

Еврокомесарот Вархеји, по средбата во Бугарија со претседателот Румен Радев, премиерот Кирил Петков и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, очекува Софија во рок од три недели да се согласи за почеток на преговорачкиот процес со Скопје.

„Со министерката Теодора Генчовска разговаравме за директните последици од војната во Украина за Западен Балкан и пошироко. Работиме на заемно прифатливо решение за да можеме да ги започнеме преговорите со Северна Македонија и со Албанија со одржување на меѓувладина конференција во јуни. Го ценам отворениот дијалог со бугарскиот претседател Румен Радев. Важноста да имаме стабилен и просперитетен Западен Балкан нема цена. Значаен придонес во тој контекст би било одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и со Албанија. Треба да работиме на ова заедно. За три недели ќе се вратам во Софија за да најдеме заеднички основа и поддршка од Бугарија, за да го започнеме преговарачкиот процес со Република Северна Македонија во јуни“, напиша еврокомесарот Вархеји.

По посетата на Вархеји на Софија, се огласи и бугарскиот премиер Петков кој истакна дека нема самостоен договор за тргање на ветото, туку евентуалниот договор треба да мине низ неколку филтри, прво во Министерството за надворешни работи кое треба да ја извести Владата, коалицискиот совет и Парламентот.

„Ако има договор со Северна Македонија, МНР треба да ја извести Владата, Коалицискиот совет и Парламентот да одлучи. Премиерот не може самостојно да носи одлуки“, рече Кирил Петков.

Европратениците во четвртокот со 508 гласа „за“ и 56 „против“ го усвоија Извештајот за напредокот на Северна Македонија на известувачот на Европскиот парламент, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, усвојувајќи притоа и некои од контроверзните амандмани.  Во извештајот се поздравува реформскиот напредок на земјата и се инсистира на имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија. Но, во усвоената верзија се вклучени и некои од контроверзните амандмани, како оние за „историско помирување и заедничка историја“ со Бугарија и оценка дека нема напредок во имплементацијата на Договорот за пријателство меѓу земјава и Бугарија од 2017 година, што не е став на Европската комисија во нејзиниот последен извештај во 2021 година.