Жители од Дебарскиот регион заедно со еколошките здруженија денеска го изразија својот револт против проектите „Луково поле” и „Бошков мост”во надлежност на ЕЛЕМ. Граѓаните кои протестираа се пожалија дека општинските власти, наместо поддршка им правеле притисоци и ги спречувале да демонстрираат.
-Претставници на општина Маврово Ростуше, претсавници на националниот парк, не само што ги нема туку ги употребија сите мерки на притсок за да не дојдат сите луѓе тука. Но оние што ја сакаат Радика, ако треба и пешки ќе одат таму каде што гласот треба да се испрати, беше речено на протестот.
-Има ли некој право да украде цела една река, која живот значи за 35 илјади жители, има ли некој право туку така да уништи Национален парк?
Жителите и екологистите сметаат дека реализацијата на овој проект ќе значи еколошка катастрофа од огромни размери. Според нив, со пренасочувањето на реката Радика се заканува исчезнување на 150 ендемски видови и на најскапоценото диво животно во земјава – рисот. Најавија дека нивните протести ќе добиваат поголеми димензии и ќе почнат да ги одржуваат низ целата земја.




