-Јас добив политички отказ од Собранието на Република Македонија, а кога го прашале пратениците на НСДП Трајко Вељановски зошто ми дал отказ тој рекол: „затоа што Емил се прави мангуп“- објаснува за НОВА Емил Крстевски, поранешен советник во Собранието на Република Македонија, и човекот за кој разговараат Гордана Јанкуловска и Михајло Маневски во еден од телефонските разговори.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска во разговорот бара од Маневски совет како да го решат проблемот со судската постапка на Крстевски, братот на Лина Петровска, тогашна членка на Судскиот совет.
Маневски и објаснува на Јанкуловска дека целата работа ја искомплицирал Трајко Вељановски и неговиот кум Јово Вангеловски, тогаш претседтел на Врховниот суд кои одлучиле да се врати предметот на повторно судење, не гледајќи ги, како што велат „пошироките интереси, гласот на Петровска во Судскиот совет, која е „џокер“ и без неа не може да изберат или разрешат судија“.
Крстевски вели дека не знае дали неговата сестра била „џокер“ при гласањето како што споменува Михајло Маневски во разговорот, но е убеден дека е во право во судската постапка што ја повел и очекува за тоа наскоро да се изјасни и Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.
-Јас добив отказ во 2008 година, по растурање на коалицијата ВМРО ДПМНЕ и НСДП, затоа што наводно три дена не сум се регистрирал дека доаѓам на работа. Тоа не е точно, бидејќи јас имав сведоци, а картичката 40 дена претходно ми беше пријавена за изгубена. Поведов судска постапка која ја добив на првостепен и на второстепен суд и бев вратен на работа на крајот на декември 2010 година- објаснува Крстевски за НОВА.
Според кажувањето на Крстевски, кратко време по враќањето на работа, неговата сопруга која работи во МНР била испратена во македонската мисија во Обединетите нации во Њујорк, а тој добил решение дека му мирува работниот однос затоа што заминал со неа.
Но, пролетта 2011 година Собранието поднело барање за ревизија пред Врховниот суд, каде што претседател е кумот на Трајко Вељановски, Јово Вангеловски и судот ги укина двете пресуди и го вратил предметот на повторно судење.
-Јас во тој период доаѓав на судење од Њујорк, беа сослушани сведоци и повторно го добив во моја корист и на Основен и на Апелационен суд. Но, по втората ревизија, Врховен одлучил мериторно, ги преиначил пресудите и оценил дека отказот ми е даден основано иако сите докази и сведоци докажуваат дека неосновано сум добил отказ. Од тогаш, 6 години и три месеци јас сум без работа- вели Крстевски.
Потсетува дека во Собранието ја имал највисоката работана позиција, а неговото име, на предлог на НСДП било ставено на листата за амбасадори која била усвоена од страна на Владата но истата не заживеала затоа што не ја потпишал тогашниот претседтел Бранко Црвенковски.
-Прашајте ги Тито Петковски и Горан Мисовски да ви потврдат дека станува збор за политички отказ или како што му рекол Вељановски на Мисовски, „затоа што Емил се прави многу мангуп“. Јас во тој период бев експониран во НСДП, а не знам какви им биле плановите и дали на овој начин сакале да извршат притисок врз Лина во Судскиот совет –објаснува Крстевски во разговорот за НОВА.
Дали Лина била џокер и дали имало притисоци или закани може да се види од тоа како гласала во Судскиот совет, нагласува Крстевски.
Тој е незадоволен од одлуката на Врховниот со кој бил потврден неговиот отказ и затоа во април минатата година поднел тужба пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и чека одговор од таму.
Вели дека не се сеќава на имињата на судиите кои одлучувале но знае дека има блиски роднини на високи функционери, вклучувајќи ја сестрата на сопругата на Сашо Мијалков која е судија во Врховниот суд.
Михајло Маневски на Јанкуловска и вели дека не разбира што толку му згрешил Емил Крстевски на Трајко Вељановски и треба да се откаже од барањето до Врховниот, барем тогаш кога човекот ќе биде 4 години надвор од Македонија.
Одразговорот интересен е и деталот каде што Трајко му рекол на Михајло дека знае за неговите интервенции за случајот во Апелациониот суд, со што, практично му покажал дека тој има поголема моќ преку контролата во Врховниот суд.




