Ова не е битка меѓу партии. Ова е битка за смислата на демократијата. За правото на несогласување без понижување. За право на критика без страв. За јавен простор во кој економијата, животниот стандард и иднината на граѓаните ќе бидат поважни од егото на власта и од надуените пера што ѝ служат.
Жанета Ќосе
Се чувствувам оштетено. Како граѓанка од втор ред. Не затоа што нешто лично сум изгубила, туку затоа што секојдневно сведочам на тивко, но систематско распаѓање на јавниот простор. Простор во кој значењата се разредуваат, зборовите се трошат до безвредност, а лагата од исклучок се претвора во метод на управување. Она што некогаш беше дебата, денес е бука, она што беше аргумент, денес е навреда, а она што требаше да биде одговорност, денес е спектакл. Во таа врева од инсинуации, етикетирања и координирани напади, станува јасно дека не живееме во класична политичка криза, туку во состојба на комуникациска ентропија – момент кога системот не се распаѓа поради недостиг на информации, туку поради нивната токсична намерна злоупотреба.
Во таков амбиент, политиката престанува да биде управување со општеството и се претвора во лошо режиран циркус, во кој улогите се измешани, а правилата суспендирани. Пред Конгресот на СДСМ, на сцена гледаме појава што во ниту една сериозна демократија не се смета за нормална, владејачка партија која отворено и без задршка бара оставка од претседател на опозициска партија. Не од министер, не од функционер што управува со јавни ресурси, туку од човек што го предводи политичкиот противник. Тоа не е израз на политичка грижа, туку демонстрација на моќ, не е повик на одговорност, туку обид за дисциплинирање.
Овој потег не е само политички апсурд, туку комуникациски монструм создаден за да ја замени суштината со форма, а проблемите со спектакл. Наместо расправа за економијата, стандардот и иднината, јавноста се влече во арена на евтини пораки и нарачани наративи, каде што власта глуми арбитер на туѓи внатрешни процеси. Така демократијата не се урива со еден удар, туку се исмејува, се банализира и се претвора во претстава во која граѓаните повеќе не се субјекти, туку публика без право на збор.
Спрегата меѓу дел од медиумите и политичката власт денес не е ни прикриена, ни случајна, туку функционално интегрирана во механизмот на владеење. Наместо коректив, медиумите се трансформираат во трансмисија на партиски пораки, во симбиотички продолжеток на политичката моќ, каде што критичкото прашање се доживува како непријателски чин, а сервилноста како професионална доблест. Во таков амбиент, уредувачката политика не се води од јавниот интерес, туку од политичката лојалност, а новинарството ја напушта својата јавна функција и се сведува на инструмент за легитимирање на власта. Оваа медиумско-политичка конвергенција создава изобличена реалност во која наративите се произведуваат, рециклираат и наметнуваат од истите центри на моќ, додека граѓаните се оставени без плурализам, без контекст и без можност за информиран избор – суштински предуслови на секоја демократска јавна сфера.
Во теоријата на политичката комуникација, ваквиот феномен е познат како инверзија на улоги, момент кога моќта престанува да се оправдува пред јавноста и почнува да ја дисциплинира опозицијата, медиумите и граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ не се однесува како власт што треба да одговара за економија, задолжувања, фискални дупки и пад на животниот стандард, туку како самопрогласен тутор на опозицијата. Советува, поучува, наредува. Денес „реформирајте се“, утре „сменете го лидерот“, задутре „исчезнете“.
Ова не е грижа. Ова е контрола. И тоа брутална.
Медиумите што учествуваат во ова сценарио не се новинари во класична смисла на зборот. Тие се политички пера, продолжена рака на партиската стратегија. Прво се отвора измислена афера – без факти, без извори, со наративи изградени врз навреди и дехуманизација. Потоа таа „афера“ ја презема ВМРО-ДПМНЕ со дневни прес конференции, а на крајот и премиерот, кој со сериозно лице и огромно его ја повторува лагата како државна вистина. Тоа е класичен пример на координирана комуникациска кампања, позната во теоријата како media capture и agenda laundering – перење на пропаганда преку медиумски канали за да изгледа како јавен интерес.
Во меѓувреме, зад премиерот не стојат пратеници и министри, туку надуени новинарски пера, поставени како сценографија. Наместо аргументи – козерија. Наместо анализи – реклами, на трговци со маслиново масло, на банки… Наместо прашања и факти – навреди. Со единствеа цел, да се покрие економската некадарност, краткорочно одржуваната економија и скриените фискални ризици што како темен облак висат над државата.
Фактите се брутални, но намерно оттурнати од јавниот фокус. Фискална дупка од околу две милијарди евра, која не исчезнува, туку се префрла во идните буџети. Неплатени обврски, нарушена ликвидност, капитални инвестиции преполовени во однос на најавите. Економски раст што не го чувствуваат граѓаните, затоа што инфлацијата го јаде секој денар, а две минимални плати не покриваат ни основна кошничка. Јавен долг што расте, додека власта одбива прогресивно оданочување и подготвува терен за удари врз најсиромашните преку ДДВ и придонеси. Профити високи, плати ниски. Економија на автопилот, без визија и без капацитет.
И токму тука, кога аргументите недостасуваат, на сцена стапува говорот на омраза.
Во комуниколошката наука, говорот на омраза не се дефинира само како навреда. Неговата суштинска цел е да го намали чувството на вредност на жртвата и да и го поткопа кредибилитетот, така што нејзиниот збор во јавната дебата да нема никаква тежина. Искуствата јасно покажуваат дека ваквиот говор има ефект на замолчување врз целните групи – им се повредува еднаквото право на слободен говор, не затоа што формално им е забрането, туку затоа што цената на зборувањето станува преголема.
Говорот на омраза е акт на вербално насилство. Тој е повик на јавна осуда, алатка на најниските човекови импулси и најкористеното оружје на насилниците. Првата последица е замолчување, втората е социјална ексклузија, а третата, и најопасна, е нормализација на насилството, кое во екстремни случаи завршува со физички напади и смртни последици. Токму затоа прогресивните и инклузивни демократии го препознаваат овој говор како егзистенцијална закана за јавниот простор.
Кога новинар, со години присутен во јавноста, систематски користи деградирачки, милитаризиран и дехуманизирачки јазик, тоа повеќе не е слобода на изразување. Тоа е злоупотреба на професијата. И кога таквиот јазик се вклопува совршено во политичката агенда на власта, тогаш не зборуваме за случајност, туку за рекет. Симболичен, медиумски, но длабоко деструктивен рекет врз опозицијата, врз јавниот дискурс и врз граѓаните.
Затоа ова не е битка меѓу партии. Ова е битка за смислата на демократијата. За правото на несогласување без понижување. За право на критика без страв. За јавен простор во кој економијата, животниот стандард и иднината на граѓаните ќе бидат поважни од егото на власта и од надуените пера што ѝ служат.
Ентропијата, ако не се запре, завршува со колапс. А ние сме опасно блиску до таа точка.




