Европскиот парламент денеска ја усвои Резолуција за ставот на ЕУ во врска со предложениот план и ангажманот на Унијата за праведен и траен мир за Украина, а ги поддржа за новите правила за лобистите што застапуваат интереси на трети земји.
Со Резолуцијата за мировниот план за Украина, усвоена со 401 глас „за“, 70 „против“ и 90 „воздржани“, европратениците ја повикуваат ЕУ да преземе поголема одговорност за европската безбедност и да го поддржи мирот во Украина на најпроактивен начин.
Во документот се бара ЕУ и земјите членки „да покажат лидерство во овој клучен геополитички момент“ и да продолжат да работат со Вашингтон и другите партнери за да се осигурат дека преговорите за праведен и траен мир ги почитуваат принципите на меѓународното право. Европратениците сметаат дека на секој одржлив мир мора да му претходи ефективен прекин на огнот и да биде поткрепен со робусни безбедносни гаранции на ЕУ и САД за Кијив, со цел да се спречи, одврати и веднаш да се спротивстави на секоја нова агресија.
Во Резолуцијата, исто така, се наведува дека која било привремено окупирана украинска територија нема да биде правно признаена од ЕУ и нејзините земји членки како руска територија. Европратениците ја нагласуваат и потребата од европско вклучување во какви било мировни преговори, бидејќи „исходот од украинската војна ќе има длабоко влијание врз целиот европски безбедносен поредок“, па затоа повторуваат и дека „ништо за Украина не треба да се одлучува без Украина, а ништо за Европа без Европа“.

