Тирана: Советот на Општина Тирана го разреши Ерион Велиај, од функцијата градоначалник.
Советниците од неговата, Социјалистичка партија и демократите ги здружија своите гласови, согласувјќи се да го отстранат Ерион Велиај од функцијата. Против беа четворица негови сопартијци, објави ТВ Топ чанел.
Одлуката беше донесена по барањето на премиерот Еди Рама на седница на Националното Собрание на Социјалистичката партија, каде што ја објави кандидатурата на Огерта Манастирлиу за вонредните избори.
Според законот на Велиај му е дадено право да поднесе жалба против разрешувањето до Уставниот суд во рок од 15 дена. Велиај беше близок соработник на Рама, кого го подготвуваше за негов наследник на чело на Социјалистичката партија.
Тој беше во својот трет градоначалнички мандат кога, на 10 февруари, беше уапсен по налог на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК) и е во затворски притвор под обвинение за создавање коруптивна шема меѓу компании и невладини организации поврзани со неговата сопруга, Ајола Џоџа, и група бизнисмени блиски до него.
Велиај (46) е обвинет по 13 точки од обвинението, вклучувајќи корупција, перење пари, па дури и чување нелегални предмети во ќелијата за време на притворот.