Полицијата во Хонг Конг денеска ги опколи демонстрантите кои се забарикадираа на кампусот на Политехничкиот универзитет, со што речиси шестмесечната криза влезе во нова опасна фаза.

Денеска пред зора одекнаа неколку гласни експлозии, а потоа на влезот во Универзитетот избувна оган, што според локалните медиуми значи дека демонстрантите го одбиле обидот на полицијата да влезе во кампусот.
Полицијата го прогласи кампусот за „место на нереди“, што значи дека на насилниците им се заканува казна затвор до 10 години.

Се проценува дека на кампусот се забарикадирани околу 800 демонстранти, на кои не им е дозволено да излезат од универзитетскиот комплекс, со што се ослободени околните улици по дводневните барикади. Според претседателот на студенската унија, во кампусот има вода, но се помалку има храна.
Полициски службеник во Хонг Конг вчера беше погоден од стрела кога полицијата употребила солзавец и водени топови во обид да ги растера демонстрантите кои го окупираат кампусот на универзитетот.

Демонстрантите од покривот на универзитетот ја гаѓаа полицијата со стрели и молотови коктели, а тие одговорија со солзавец и водени топови и се закани дека ќе употреби боева муниција.
Вчера, биле повредени 13 лица на возраст од 22 до 57 години, од кои едно е во сериозна состојба. Не е познато дали повредените се демонстранти од универзитетот.
Универзитетскиот кампус не беше дел од повеќемесечните протести кои започнаа во јуни, откако владата усвои закон за екстрадиција на осомничените од островот во Кина. Тоа за многумина беше обид за нарушување на слободата и судската независност на градот.
Законот потоа беше повлечен но протестите продолжија, овојпат како револт против полицијата и за тоа како Кина управува со Хонг Конг.
Но од минатата година тој се претвори во поле на пресметки. Според полицијата студентоте прво почнале да фрлаат молотови коктели на улиците за да го попречат пристапот, што доведе до откажување на предавањата. Потоа студентите од Политехничкиот факултет почнаа да поставуваат барикади за да нема пристап до тунелот што води до универзитетот. Целта како што изјавија е да го блокираат сообраќајот за да не може луѓето да патуваат до работните места и на тој начин да нанесат штета на стопанството.
Хонг Конг до 1997 година беше британска колонија, по што стана дел од Кина по принципот една држава -два модела.




