Oсуда, повик за смирување и повик до полицијата да обезбеди безбедност за сите, реагираат високата преставничка за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини и комесарот Јоханес Хан.

“Со најсилни зборови ги осудуваме нападите кои се во тек врз членовите на Парламентот во Скопје. Насилството во Парламентот е целосно неприфатливо и повикуваме на смиреност и воздржување. Министерството за внатрешни работи и полицијата мораат да осигураат безбедност во Парламентот и неговите членови.

Демократијата мора да продолжи по нејзиниот тек. Ние позитивно го поздравуваме изборот на Талат Џафер како претседател на Парламентот како што беше соопштено.

Европската унија е убедена дека политичкиот дијалог во институциите е единствениот начин да се оди напред и бараме од сите политички актери да го почитуваат Уставот во земјата и да се однесуваат во духот на демократските принципи, со здрав разум и пристојност”, велат Могерини и Хан.

На крајот додаваат дека Македонија е земја кандидат и ЕУ е подготвена да работи со Парламентот за неопходните реформи кои ќе и помогнат на земјата на европскиот пат.