Европската унија ќе почне веднаш да го намалува роамингот за земјите од Западен Балкан откако тие ќе го постигнат регионалниот договор, кој се очекува до јули 2019 година
Ова денеска го соопшти Регионалниот совет за соработка, по средбата во Скопје помеѓу генералната секретарка Мајлинда Брегу и еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел.
Брегу и Габриел на покана од министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски беа присутни на официјалното отворање на технолошкиот акцелератор за млади стопанственици и иноватори и на промоција на научно-технолошкиот парк во присуство на премиерот Зоран Заев и на други министри од регионот задолжени за информатички и комуникациски технологии.
Неодамна на состанок на работната група од земјите за Западен Балкан беше постигнат прогрес, по што Брегу изјави дека е можен регионален договор кој би стапил на сила во јули 2019 година за постепено намалување на цените на роамингот, а веќе од 2021 помеѓу земјите од Западен Балкан цените би биле 0, односно луѓето би зборувале како и во сопствените земји, без роаминг.




