На средбата во Охрид, на која ќе присуствуваат српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, ќе стане збор за финализирање на Анексот за имплементација на Договорот со ЕУ за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, објави пред малку Европската служба за надворешни работи.
Средбата во Охрид ја свика високиот претставник Жозеп Борел, а учеството го потврдија и претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, се наведува на официјалната веб-страница на ЕУ.
Високиот претставник, поддржан од специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, најпрво една по друга ќе има одделни билатерални средби со Вучиќ и Курти, по што ќе следи заедничка средба.
На крајот од серијата средби, кои почнуваат во 10 часот, предвидено е Борел да се обрати пред медиумите.