На пленарната седница во Собранието денеска ќе се одлучува за измена и дополнување на Деловникот со што дискусиите на комисиите за буџет, економија и европски прашања ќе бидат временски ограничени.

За измените прво ќе расправа Комисијата за деловничко-мандатни прашања, а потоа за него ќе одлучуваат пратениците во собранието.

Европската унија не ја одобрува одлуката на владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да го менуваат собранискиот Деловник без поширок консензус и во отсуство на опозициските пратеници, пишува Утрински весник.

Опозициските СДСМ, ДПА и НДП обвинија дека владејачкото мнозинство со ова го достигнува врвот на автократското владеење. Во ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека новиот Деловник ќе биде усвоен до почетокот на март, пред Собранието да прекине со работа поради локалните избори.