Хрватска да го укине законот кој спречува екстрадирање на лица осомничени за извршување убиства за време на комунизмот, побара денес Европската унија од својот најнов член.
Во предвечерието на приклучувањето кон ЕУ, Хрватска донесе закон, според кој, европските налози за апсења се ограничуваат само за периодот по август 2002 година.
Еврокомесарот за правда Вивиан Рединг побара од Загреб до 23 август да одговори дали ќе го повлече законот, најавувајќи дека во спротивно ЕУ има намера да ги употреби сите свои расположливи механизми.
Уште со влезот на Хрватска во Европската унија, на 1 јули, во хрватската полиција пристигнаа првите европски меѓународни потерници.
Меѓу лицата по кои се распишани потерници е и поранешниот југословенски шпион Јосип Перковиќ, кој во Германија е обвинет за убиството на хрватскиот дисидент Стјепан Ѓурековиќ во 1983 година.
Претходно, хрватските медиуми коментираа дека заради законот што го спречува екстрадирањето, германската канцеларка Ангела Меркел одбила да присуствува на свеченоста што се одржа во Загреб на 30 јуни по повод приемот на Хрватска во ЕУ.