Рокот што и го постави Европската Унија на Венецуела за закажување нови избори истече на полноќ, и се очекува денеска ЕУ да го признае опозицискиот лидер Хуан Гуаидо официјално за претседател на Венецуела, јави дописничката на МИА од Брисел.
По неколку денови двоумење, Европската Унија минатата недела му даде ултиматум на актуелниот претседател Николас Мадуро да свика нови избори до денеска, и дека во спротивно Унијата ќе застане зад неговиот политички противник, Хуан Гуаидо.
Мадуро го отфрли европскиот ултиматум во текот на овој викенд и ја обвини ЕУ дека сака да предизвика конфронтација.
-Зошто ЕУ треба да и кажува на некоја земја во светот која веќе имала избори дека треба да ги повтори затоа што не победиле добри десничарски сојузници, порача Мадуро.
Европската Унија не ги призна венецуелските избори и смета дека не биле ниту слободни, ниту транспарентни, ниту фер.
За разлика од САД, земјите членки на ЕУ не избрзаа со признавање на Хуан Гуаидо, но притисокот се зголемува од земји како Белгија, Португалија и Холандија.
Европскиот Парламент во петокот го призна Гуаидо како „легитимен привремен претседател“ на Венецуела и побара од земјите членки да заземат ист став.
ЕУ треба денеска да се изјасни дали ќе го признае Гуаидо.
Официјален Каракас ја осуди изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за можноста за испраќање војници во Венецуела, изјави венецуелската потпретседателка Делси Родригес.
– Не прифаќаме вакви изјави на американскиот претседател. Зад нив стои скриен мотив, а тоа е желбата да ги зграбат богатите ресурси на Венецуела, рекла Родригес во изјава за руски новинари.
Таа изрази увереност дека Владата на нејзината земја е во состојба да ја реши политичката криза без мешање од страна, со мирни средства и во согласност со Уставот.
– Суверенитетот не е предмет на расправа, суверенитетот е она што мора да се брани, порача Родригес.
Трамп претходно рече дека постои можност за испраќање војници во Венецуела и оти го одбил барањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро за состанок.
– Тоа секако е опција, рече Трамп во интервју за Си-Би-Ес, говорејќи за испраќање војска во Венецуела.
Москва смета дека обидите на некои држави да ја „легитимизираат узурпацијата на власта во Венецуела“ претставува мешање во внатрешните работи на таа земја, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека политичката криза во Венецуела може да ја решат само Венецуелците.
– Наметнување какви било решенија или настојување да се легитимизира обидот за узурпација на власта, од наша гледна точка, е директно или индиректно мешање во внатрешните работи на Венецуела, истакна Песков.




