Автор: Светлана Јовановска
ЕУ во јуни треба да фиксира датум за преговори со Македонија и да започне процес на “скрининг“ бидејќи тоа е единствениот пат кој може ја задржи земјата на патот на европската интеграција и да ја спречи да влезе во нестабилност, вели Ерван Фуере во својот текст посветен на “Солунската агенда“, која обележува 10 години откако беше лансирана во Грција, и посетува на кој начин ЕУ треба да го одбележи овој јубилеј.
Во Солун во 2003 година се одржа самит посветен на Балканот чие што мото беше иднината на Балканот е во ЕУ. На овој настан потсетува Фуере, поранешниот ЕУ амбасадор во Македонија и се обидува да укаже на тоа кои акции на ЕУ ќе му помогнат на Балканот во наредниот период.
На 24 јуни оваа година ирското претседателство ќе ја означи десетгодишнината на овој настан на кој беше потврден процесот на стабилизација и асоцијација лансиран во 2000 година во Загреб. И покрај тоа што економската криза во ЕУ доведе застои во процесот на проширувањето, може денес да се каже дека Солунската агенда имаше свое одлучувачко влијание во балканското доближување кон ЕУ. Не смее да се заборави исто така дека Солунската агенда беше одлучено и укинување на визите за Балканот кое уследи неколку години подоцна.
Македонија беше првата земја која го потпиша овој договор со ЕУ а потоа и другите балкански земји уследија. Косово е последната земја која можеби ќе добие зелено светло од самитот на ЕУ во јуни да почне да преговара за стабилизација и асоцијација. Во меѓувреме Хрватска влегува во ЕУ, Црна Гора почна да преговара членство пред една година а Србија тоа најверојатно ќе го направи овој јуни. За жал, Македонија, на која Хрватите и завидуваа во 2001 година кога спогодбата беше попишана, денес е останата во сенка.
Фуере во својот текст потсетува дека “Солунската агенда“ е показател на европската мека сила. Договорот постигнат помеѓу Белград и Приштина е резултат на оваа моќ на ЕУ и покажува како таа може да ги доближи вчерашните непријатели. Истата моќ треба да се примени и во Босна и Херцеговина каде што присуството на ЕУ нема доволно ефикасно влијание.
Во некои земји развојот на настаните, како Албанија, Босна и Херцеговина и Македонија, покажува сериозни слабости како на пример недостигот на култура на политички дијалог и градење консензус кои се пречки за долгорочна стабилност. “Меѓуетничките тензии влошени со длабоко вкоренети националистички политики на владеачките партии и темите кои се однесуваат на правата на малцинствата играат важна улога. Во тоа и некои земји членки на ЕУ не се добар пример“, вели Фуере.
Билатералните проблеми како оној помеѓу Грција и Македонија исто така има негативно влијание врз проширувањето одвлекувајќи го вниманието од реформите и црпејќи енергија која може да се употреби на друго место. Неможноста да се реши проблемот е почувствувана како дупли стандард на ЕУ и нејзините членки.
Она што во 2005 година беше убава приказна со добивањето на кандидатски статус, може да стане кошмар бидејќи денес Македонија е земја со политичка нестабилност, без политички дијалог, длабока меѓуетничка недоверба и поделено општество.
ЕУ мора да одговори на оваа ситуација, вели поранешниот амбасадор. со “одлучна и конзистентна политика на ЕУ“.
Најдобриот начин за означување на “Солунската агенда“ е да се преземат чекори во јуни на самитот на ирското претседателство. Прво да се отворат преговори за членство со Србија и преговори за стабилизација и асоцијација со Косово. Потоа да се фиксира датум за преговори со Македонија и да започне процес на “скрининг“ бидејќи тоа е единствениот пат кој може ја задржи земјата на патот на европската интеграција и да ја спречи да влезе во нестабилност.
Скрининг треба да почне и со Албанија и да се влезе во интензивен процес на ЕУ со политичките лидери и институции на Босна и Херцеговина за да се реши нивната уставна криза. ЕУ мора систематски да го ангажира невладиниот сектор давајќи му пристап до финансии преку поедноставни процедури. Конечно, ЕУ мора да работи со Советот на Европа и ОБСЕ за да се искористи нивната експертиза во проблемите на медиуми и малцинствата.