Македонија деновиве испратила барања до повеќе земји членки на ЕУ за материјал кој е потребен за заштита на границата. Европскиот портал Еурактив имал можност да го види списокот кој има 12 страни. Македонија бара машини и материјал за изградба на ограда од 300 километри на јужната граница како и камп за 400 луѓе.
Македонија и уште пет балкански земји од бегалската рута се сретнаа на 24 февруари во Виена со Австрија, Словенија, Бугарија и Хрватска. Тема беа можните решенија за бегалската криза и затворање на границите. На овој состанок не беше поканета Грција а според портпаролите на Европската комисија (ЕК), Брисел не бил информиран за овој состанок иако балканските земји ветиле дека за секоја постапка во бегалската криза ќе се консултираат со ЕК.
Во списокот испратен до некои земји членки, Македонија бара опрема за контролирање на маса народ и месечни трошоци за персонал, возила и техничка опрема за речиси цела армија.

Еурактив пренесува изјава на својот извор кој вели дека некои земји членки се подготвени да и ја испратат оваа опрема на Македонија но некои земји сметаат дека има место за “рестрикции”.
Така во Австрија испраќањето воена опрема во друга земја не е легално и бара одобрување од парламентот. Австрија досега има испратено 7 полицајци во Македонија и најавува дека бројот може да се зголеми на 20 полицајци.
Истиот извор му изјавил на Еурактив дека според експертите бараната опрема може да биде употребена за “внатрешна репресија” со оглед на претстојните избори во јуни. “Тешко е да се замисли дека Хрватска, Словенија или Австрија ќе испратат каква и да е опрема ако не се сигурни дека тоа нема да биде употребена за внатрешна репресија”, изјавил изворот на Еурактив.
Во списокот има Анекс 4 насловен “Опрема за контрола на маса народ” во кој Македонија бара специјални шок бомби и солзавец.




