Поранешниот евроамбасадор во Македонија, Ерван Фуере смета дека еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји треба да поднесе оставка или треба да биде „притиснат“ да замине од функцијата поради твитот, за време на вчерашниот прв ден од Самитот ЕУ – Западен Балкан, дека „бугарските грижи“ ќе бидат дел од преговарачкиот процес на Северна Македонија со Унијата.

„Како можете да ги поддржувате „сите бугарски грижи“ и да ги правите дел од преговарачкиот процес, кога некои од тие грижи се против сето она за што се залага ЕУ, додека други се спротивни на пресудите на европскиот Суд за човекови права. Комесарот треба да се срами од себе и да биде поднесе оставка“, забележува Фуере.

Еврокомесарот Вархеји вчера на Твитер објави дека „ЕУ ги прифаќа сите бугарски загрижености мошне сериозно“ и дека тие ќе станат дел од преговарачкиот процес на земјава со Унијата.

„ЕУ ги прима сите бугарски загрижености мошне сериозно и тие се сега дел од преговарачкиот процес. Сега е моментот за одговорни одлуки. Западен Балкан треба да биде дел до ЕУ. Заедно ќе бидеме посилни“, напиша вчера Вархеји на Твитер.