Изгледа ретко кој е подготвен да ѕирне во доказите за тоа дали навистина Европа ни е пријател или непријател. Можеме слободно да речеме дека таа сè уште нè крепи, ако не на двете нозе, сигурно дека едната ни ја има бандажирано за да не се струполиме до земја и на земја и тоа не само економски, туку и политички. Еве неколку конкретни бројки за …
Бране Стефановски
Изгледа ретко кој е подготвен да ѕирне во доказите за тоа – дали навистина Европа ни е пријател или непријател. Со оглед на висината на финансиската помош што ја имаме добиено од Унијата, таа нè гали повеќе отколку што заслужуваме.
Се разбира дека некој нè сака, некој не. И тоа е нормално. И двата вида емоции имаат свои причини, историски или геостратегиски, а сигурно и лични, но, и покрај сè, главната и најинтересната политичка и економска група за нас е Европската Унија, затоа паметно е да сториме сè што е во нашите можности да го исполниме тоа што го имаме ветено за да не излеземе шарлатани што лесно ветуваат, а воопшто не мислат да се зафатат за обврските.
Многупати е пишувано за историјата, за причините и за целите на формирањето на ЕУ, но од сето тоа треба да се потенцира успехот во отворањето на границите меѓу нејзините членки и воведувањето една валута за плаќање во сите нив, што е исклучително голем успех во историјата на економијата поради различното ниво на економската развиеност на старите, а особено на нејзините нови членки. Во општата човекова историја нема таков пример на доброволно здружување и постигнување на таа висока цел, без политички хегемонизам на еден доминион и невиден економски дострел, од урнатините на фашизмот, досега. Затоа, таа заедничка валута, „еврото“, стана барана на светскиот пазар и добро котира наспроти главната светска валута, американскиот „каубој“ – доларот.
Македонија, својата економија, како крајно отворена, што е тема за стручна дискусија за натамошната примена на овој концепт, ја потпира врз курсот на еврото! Засега, курсот е стабилен, се одржува на вештачки начин со регулација од страна на НБМР, но вестите за „кревањето партал“ на странските инвеститори од слободните развојни економски зони не треба да се сфатат толку ноншалантно, во стилот: „па што ни е гајле, едни си одат, други ќе дојдат“, а толку фалби и бенефиции потрошивме за да ги намамиме, а по прашањето за нови инвестиции се однесуваме како да сме само ние некаква рајска зона за правење профит, регионалното елдорадо, без конкуренција.
„Кревањето партал“ значи слабеење на позицијата на денарот, фала му на бога девизните резерви ни се на високо ниво, но ако еден ден извозот изгуби „куфет“ во покривањето на увозот, со оглед на тоа што и другите индустрии се во слободен пад, како текстилната, па и земјоделството, тогаш не ни се пишува добро. Можеби некој ќе рече дека ова е многу песимистичка антиципација, но искуствата велат дека еден силен ветер може да го однесе и најцврстиот покрив. На него треба да се мисли кога се гради куќата, за животот да има топлина и комоција, а не промаја од која избегаа сите што можеа да избегаат и без кои нема ни сеење ни жнеење.
Изгледа никој не се плаши од ваквата можност, при вакви слаби нозе на кои стои македонската економија што може лесно да биде здробена, при огромен надворешен долг и внатрешни хаотични релации во плаќањата меѓу домашните економски субјекти, општини, јавни претпријатија, при ваквите цени на пазарите, при толкав дефицит во буџетот со лакомштина за идни задолжувања.
Наместо да се погледнеме во огледалото, доминира политичкото натегање и тоа без многу основа и оправданост, наметнување страв дека, божем, некој ќе нѐ асимилирал, ќе доминирал, ќе нè зафркнел, па Европа била некому мајка, некому маќеа и така до бескрај со години. Тие што кажуваат дека, сепак, треба да се внимава, но дека патот е тежок и со препреки, се национални предавници. Божем на соседите патот им беше послан со црвен тепих!?
Изгледа ретко кој е подготвен да ѕирне во доказите за тоа – дали навистина Европа ни е пријател или непријател.
Можеме слободно да речеме дека таа сè уште нè крепи, ако не на двете нозе, сигурно дека едната ни ја има бандажирано за да не се струполиме до земја и на земја и тоа не само економски, туку и политички.
Еве неколку конкретни бројки за помошта од ЕУ за Македонија:
Планот за раст за Западниот Балкан за периодот 2024-2027 содржи пакет од 6 милијарди евра, од кои 2 млрд грантови и 4 млрд поволни кредити). Од овие пари предвидено е Македонија да добие 750,4 милиони евра.
ЕУ инвестира од 2007 година преку инструментите на пристапување и регионални програми над милијарда и 600 милиони за Македонија само преку ИПА програмата.
Покрај тоа, ЕУ одобри 100 милиони евра во форма на макро-финансиска помош (кредити).
За справување со енергетската криза, ЕУ додели 80 милиони како директна помош за енергетски мерки.
Македонија има добиено 502,1 милиони евра грантови преку WBIF (Инвестиционен фонд за Западниот Балкан) од ЕУ. Од тие грантови, 467,5 милиони се инвестициони грантови (за инфраструктура, енергија, транспорт…) и 34,6 милиони за техничка помош.
Преку програмата EIDHR (Европски инструмент за демократија и човекови права) ЕУ дала 10 милиони за проекти во Македонија за периодот 2007-2024.
ЕУ одобри 100 милиони како макро-финансиска помош (заем) за Македонија. Првата транша од 50 милиони е исплатена.
Во октомври 2025, ЕК одобри втора исплата на 15,9 милиони, дел за буџет (директна поддршка), дел за инфраструктурни проекти преку WBIF (Инвестициска рамка за Западен Балкан).
ЕУ обезбеди помош за армијата на Македонија преку EPF (Европски мировен фонд): вкупно 38 милиони до 2025 година.
Исто така, од EIDHR (Инструментот за демократија и човекови права), ЕУ дала 10 милиони за проекти во Македонија за периодот 2007-2024 итн. Просторот не дозволува да набројуваме уште, списокот е долг.
Во Националната стратегија на Северна Македонија (2024-2044) има планови за висока апсорпција на ЕУ-фондовите. Според документот, се предвидува дека по 2030 година, апсорпцијата на „кохезивни ЕУ фондови“ може да достигне 85 отсто од расположливите средства.
Но, голем фактор за сето ова е Македонија да ги исполни реформските обврски (владеење на правото, администрација, зелена транзиција, дигитализација) – од тоа ќе зависи дали ќе ги добие сите средства или само дел.
Е, па, сега, „повелете од изволтево“! Ама нашиот директор на Платежната агенција е во притвор. Значи, се „муќкалооо“! Стопирани се 130 милиони евра за земјоделцитеее, па сега, кој е крив? Европа?
Суспензијата на ИПАРД-средствата предизвикува голема неизвесност кај илјадници земјоделци и компании кои зависат од оваа поддршка за инвестиции и развој, а кај граѓаните страв од цените на пазарите.
Така, денарот добива деминутивен призвук, од „валута“ во „валутче“, приврзок на еврото, а еврото може да се ослободи од него и од нас, кога сака, само со една пазарна перестројка, а тоа е увоз на производи од други добавувачи, зашто конкуренцијата е жестока, а тоа би било и политичка „заушка“ за сето ова што не знаеме да го цениме. Друго е прашањето на опстанокот на Унијата со оглед на глобалните околности и политичкото расположение пред изборите во многу нејзини членки. Засега работите стојат, како што стојат.
Тоа е последицата на непланското и криминално водење на економската политика, максимално либерална, крајно отворена, без барем малку примеси на меркантилизам, утепување на домашната индустрија, без финансирање во науката, а најмногу на ендемската корупција со масовно партиско вработување во државната администрација и, се разбира, како резултат на тоа, најголем дел од буџетските средства за исплата на платите на една огромна непродуктивна армија, што има директни реперкусии врз билансот на сметката на пензискиот фонд.
Тоа Европа не го сака и го презира. Европа, сега, во новиот распоред на односите во светот, води тешка битка со распределба на сопствените фондови за стимулации и за зајакнување на сопствената одбрана.
Ние уште пееме патриотски песни што звучат како опојно средство за заборав на реалноста. Викаме патриотски пароли што ја билдаат националната гордост што никој не ни ја бара, затоа што нема потреба од тоа – без економска основа тоа звучи како дување во шупелка.
Во последното интервју на Томас Вјац за „Слободен печат“, тој, видно резигниран, вели дека на крајот на краиштата народот си одлучува за судбината на својата земја, со што сака да каже дека Европа е веќе уморна од молењето и е на пат да крене раце од нас.
Работите се менуваат, некогаш во многу долги временски периоди, некогаш во изненадувачки кратки.
Текстот е сопственост на Слободен печат.мк




