„Пред некој ден пратеничката група на СДСМ јасно укажа на низа незаконски одредби во Спогодбата за планираниот гасоводен крак од јужниот тек. Посочивме неколку одредби кои се спротивни како на домашното законодавство така и на европските стандарди и политики“, потсети пред новинарите Јани Макрадули.
Тој истакна дека без ниту една дискусија, по кој знае кој пат парламентарното мнозинство остана глуво на аргументите од опозицијата. Покрај нив, и претседателот Иванов без да вложи многу труд, го потпиша указот за оваа ратификација, истакна Макрадули.
Денес, потврдата на нашите тези стаса од најкомпетентните, Европската енергетска заедница изразува загриженост за усогласеноста на Меѓувладината спогодба за планираниот природен гас, со acqui-то на Енергетската заедница.
– Секретаријатот смета дека Меѓувладината спогодбатa не е во согласност со правилата на Спогодбата на Енергетската заедница, кои се однесуваат на распределување на трошоците, пристап на трети страни и утврдување на тарифата.
– Секретаријатот бара од Владата на Република Македонија да ги достави своите коментари и објаснувања кои се однесуваат на овие забелешки до 14 октомври 2013 г.
Макрадули ги изнесе следните барања:
– Владата да го достави на јавноста одговорот до енергетската заедница;
– Владата веднаш да го објави договорот помеѓу Стројтрансгас и Македонски енергетски ресурси, кој да потсетам како одговор на мое пратеничко прашање е таен и од доверлив карактер.
„Ова го бараме зашто ист таков договор после објавувањето во Србија ја покажа целата мрежа на корупција и матни зделки поврзани во процесот на договарање за гасификација;
Претседателот Иванов да се изјасни, дали ги имал предвид сите укажувања на експертите од Европа и домашната јавност пред да го потпише указот? Бидејќи со потпишувањето на указот станува соучесник во оваа контраверзна ратификација“, рече Макрадули.




