До кога ќе чекаме? Дали европскиот маратон на Западен Балкан кон ЕУ не ни наликува на трката на најбавните влекачи-желките? Професионалните организатори на трките со желки  се раководат од мирисот на овие влекачи и затоа  храната им е единствениот мотив за натпреварот. Штом ќе ја почувствуваат нејзината арома  бавно го придвижуваат сопствениот оклоп во посакуваната насока, исто како што нашите лидери ги придвижува „европскиот сон со сите негови социјални, економски и финансиски предности“  во насока кон Брисел. Постојат два начина да се поимат односите помеѓу ЕУ и државите на Западен Балкан, ангажирани во процесот на европската интеграција.  Првиот начин е да се задоволиме со утешните реторики на еврократите и постојаните комуникации и повторувања за перспективите на проширувањето. Вториот начин е големата верба и атавистичката стравопочит на балканските лидери кон Брисел и неговите европски божества. Во таквата оптика, се мери достигнатиот прогрес на Балканците на патот кон ЕУ. Годишните извештаи на Комисијата, согласно духот на регатата, го наметнаа марксистичкиот принцип „награда според потребите, успех според заслугите“ иако и овој наратив понекогаш функционира наопаку, што најмногу го почуствува нашата држава.

Меѓутоа,  се добива впечаток дека најголемиот број европски држави нелогично ја поставуваат теоремата на проширувањето. Аналитичарот Франко Белмонте смета дека европските лидери грешат бидејки „наместо да се работи на јакнење на подршката и оживувањето на политичката волја за проширување на ЕУ, тие инсистираат врз заострувањето на условите и подигање на параметрите во преговарачките процеси“. Целта на ЕУ не е Балканците да го достигнат бараното ниво за влез во ЕУ, туку да се оправда миопијата на европските лидери кои не се во состојба на своето бирачко тело да му ги доловат бенефитетите од проширувањето на ЕУ на балканската геополитичка зона. На Европа и недостасуваат визионерите од типот на Роберт Шуман, Жан Моне, Де Гаспари, Х-П.Спаак, Делор.. чии визии беа глобални и отворени кон целиот континент. Можеби за денешните генерација европски лидери сосема е опортуно, што долго време Балканците се движеа со оловни нозе кон Брисел, со помош на нивните сојузници како што  Атина го блокираше Скопје, или како што овој пат Софија го блокира Скопје. Но недостаток на други алатки, Париз, Берлин, Хаг, по потреба ќе извадеа по некој бел зајак од европските шешири за да ги оправдаат рачните кочници кон  Северна Македонија и Албанија. Успешно играа и со Црна Гора и Србија, додека за двата полу-протекторати Босна и Херцеговина и Косово, (инаку израз кој го форсираше и Жак Рупник), последниот „ извештај за прогресот“ според бриселскиот експерт Пиер Мирел пореално е да се нарекува „ извештај за не-прогрес“.

За приказната да биде поестетска и подидактичка, никој од Европа не ја става под знак на сомневање  одлуката на Самитот од Солун од 2003 за прием на државите на Западен Балкан во ЕУ. Меѓутоа анализирајки го времетраењето на досегашниот маратон на „балканските желки“ отпочнат од 2003, процесот станува се понеизвесен  и со колебливи перспективи барем до 2030.  Некои  скептиците сметаат  дека „никогаш“ нема да се оствари наративот “Балканот во ЕУ“, слично на логиката на  дихотомниот парадокс на Зенон од Елеја, според кого „ке биде потребно бесконечно многу време за да се прејде  бесконечно големата одалеченост“. Суштинската дилема не е дали ЕУ ке ги прими „балканските желки“ во европската зоолошка градина, туку „дали воопшто и кога Балканците ќе бидат подготвени за членството, и дали и кога бирачкото тело на ЕУ ќе ги дигне рампите за Западен Балкан? При тоа три сериозни пречки се наметнуваат на патот на бавниот патнички воз на Балканот кон Европа:

Првата е двојната задача со кои се соочуваат и  Еврократите и балканските лидери:  „ да се надмине психологијата на европски протекторат кон европската интеграција“. За разлика од Централна Европа и проширувањата од 2004, кружниот пат на Балканот е покомплексен. Не се работи само за временски расчекор во однос на консолидацијата на демократијата или економскиот развој туку за двојната задача во градењето на новата држава и процесот на регионалната и европската интеграција. Оваа аномалија косовскиот интелектуалец Ветон Сурои ја дијагнозира како  „доградување на недовршените држави“. Косово е соочено со признавањето од страна на Србија, Босна со нефункционалноста на Дејтонските содржини,  Србија со признавање  на граничните линии со Косово и Република Српска, Македонија со признавање на идентитетот од страна на Бугарија..

Втората мистична пречка и  отежителна околност е што во времето на проширувањето на апсирантите на Централна Европа, соседните државите членки на ЕУ   во преден план ги наметнаа принципите на “ солидарност, проширување и европеизација“ пост-комунистичките држави. Меѓутоа на Балканот, политичката култура на европските членки е на сосема пониско ниво. Примерот со Атина и Скопје, која по „успехот во Букурешт“   повеќе од една деценија го кочеше евро-атланскиот пат на Северна Македонија, а по преземањето на штафетната палка и Бугарија продолжи со истатат метода, представуваат само дрски егзамплери на „несолидарност, некохерентна регионална соседска политика и анти-европеизација“. Балканските членки на ЕУ воопшто не ги почитуваа митските  арматури на европската идеја, за разлика од државите членки на ЕУ кои им беа соседи на Полска, Чешка, Унгарија, Совенија.

Третата пречка  е недостатокот на европската солидарност помеѓу лидерите на Европската Унија, интерните недорзабирања, лошото владеење, недостатокот на урамнотежени политики по разни прашања. Залудно се понадевавме дека во пост-брекзит периодот, ЕУ ќе ги компензира загубите и ќе покаже поголем тропизам кон Западен Балкан. Наместо тоа, европските лидери  настојуваа да ги смируваат сопствените совести и создаваат алиби  дека „нешто правеле“ а истовремено се трудеа да не ги иритираат локалните власти и јавното мислење во сопствените држави.

Европските политичари токму заради двојната политика самите  се ограничија  во своите проевропски амбиции. Познато е дека во деведесетите и почетокот на 21-от век ЕУ се ангажира против политиката на етничкото чистење. Тие беа свесни дека балканскиот етнички, верски и културолошки мозаик е богат и разновиден со историски наследства и мултикултура слично на Европа. Мултикултурализмот беше една од водечките симболични спреги на европската идеја. Но како обичниот граѓанин на Европа да поверува во оваа вредност кога пред неколку години Канцеларката Меркел свечено констатира дека „ мултикултурализот во Германија не успеал“. По истите стапки на оваа разочарувачка констатција тргнаа и Франција и Холандија. Каков лирски опус треба да им се пружи на Балканците за да поверуваат во мултикултурализмот заради кого се водеа мини-хатингтонските судири на на балканските микро-цивилизации? Како да се промовира „мултикултурализмот“ на Балканот, кога државите основачи на ЕУ повеќе не ја признаваат оваа вредност?  Секако Европа не е против проширувањето,  но се добива импресија дека пикот на проширувањето бил достигнат и сега настојуваат да ги стигматизираат слабостите на балканските држави. Критериумите се стегнаа, рамките станаа поригидни, а мандрата на Европа се смени. Екстремизмите пораснаа а по  џихадистичките атентати и притисокот на мигрантите, државите почнаа да ги наметнуваат референдумските изјаснувања околу приемот на новите членки. Екстремната десница во ЕУ ја разви антиевропската теза за скептицизмот и опасноста од новите варвари од Балканот и ја потпали фриволноста на јавното мислење.

Наместо филозофијата од пред петнаесет години кога ЕУ се трудеше и настојуваше што побргу  државите од Централна Европа да се здобијат со членство,  денес владее друга филозофија. Се измислуваат нови волшебни стапчиња,  како што се „новата методологија“ или стратегијата “ прво реформи на ЕУ а потоа проширување“  само за да се одложи или забави патот на балканските аспиранти. Германското, француското, холандското скандинавското јавно мислењене е мошне скептично кон проширувањето  и тоа се движи помеѓу 20% до 30%.

Сепак би било некорекно целата вина за доцнењето на Балканците да се сведе на деонтолошкиот дефицит на Европјаните. Балканските држави не успееа да се квалификуваат на време, било заради транзиционите проблеми, како што се меѓу-етничките судири, организираниот криминал, корупцијата, авторитаризмот или миопијата и нерешителноста на балканските лидери. Македонија долго време немаше храбар лидер да го реши проблемот со Грција. Во 2004/5 година, во однос на евро-атланските интеграции Македонија беше лидер пред Хрватска и Албанија. Останатите држави ни гледаат во грб. Србија се занимаваше со Хашкиот трибунал, БиХ со своите три ривалски ентитети, Црна Гора и Косово  сеуште не постоеа како држави, Македонија се здоби со аспирантски статус и се качи на брзиот колосек, но без брз ТЖВ. По Самитот на НАТО во Букурешт (2008), Скопје  ја отпочна својата рововска битка со Атина.  Во оваа битка најмногу доби авторитаризмот и либералната демократија а  настрадаа демократијата, евро-атлантските перспективи и основните човекови права и слободи. Преспанскиот договор ги валоризира македонските бриселски перспективи, но стигмата на европската десница тежеше врз резервираната позиција на Франција, Холандија, Шведска и Германија. Во услови кога Западен Балкан не поседува друга кредибилна алтернатива, засега е само во предворјето на зградата надевајки се на нов вид на говор на ЕУ во блиската иднина.

Маратонот  на балканските желки кон ЕУ продолжува но и потсетува на теоријата на еволуција  на Чарлс Дарвин. Се претпоставува дека токму при патувањето околу островите на Галапагос каде ги изучувал огромните желки од 250 кг и 1,5 метар височина, Дарвин ја донел во Британија амблематичната желка Хериет, која живеела 175 години се до 2006. Белки толку долго Балканците нема  да чекаат за да станат членки на ЕУ.