Изминатата недела во земјите од Европската унија се одржаа избори. Почнувајќи од одѕивот до резултатите, преовлада оптимизот. Веб-страницата https://euvsdisinfo.eu која е дел од кампањата за подобро предвидување, адресирање и одговор на про-руските (Кремљ) дезинформации “ЕУ наспроти дезинформации” што ја води европската работна група External Action Service East Stratcom Task Force објави анализа за тоа како Европејците со својот демократски избор се спротивставија на навалицата од лажи вести.
Демократијата како пркос
Граѓаните на Европската унија гласаа. Во втората најголема демократија во светот, по Индија. И резултатите од изборите се познати. И покрај тековните обиди за нарушување на изборната кампања, преку лаги, дезинформации и компјутерски напади, ние, Европејците, ги избравме нашите претставници во Европскиот парламент со највисок одѕив во изминатите дваесет години. Десното крило, левото крило, центристите, либералите, конзервативците, евроскептиците, евроентузијастите, прагматичарите, визионерите, еколозите, индустријалистите, националистите и интернационалистите – Европскиот парламент ќе продолжи да функционира како форум за јавен дискурс. Во духот на зборот „парламент” кој е изведен од зборот “parler” на стар француски – да се зборува. Парламентот е место за разговор, дискусија, испрашување, несогласување, согласување, за разновидност.
Или еден збор со кој ова се опишува- демократија.
Сето ова е постигнато и покрај големите обиди да се наруши процесот на гласање. Кремљ е зафатен ширејќи лаги за ЕУ и земјите-членки: Францускиот претседател Макрон предлага да се избркаат некои земји-членки од Унијата; Мејнстрим партиите и медиумите ја користат “русофобијата” за да ги исплашат гласачите; ЕУ ја направи Полска посиромашна отколку под комунистичко владеење; ЕУ го предизвика конфликтот во Украина; Политиките на ЕУ се диктирани од страна на САД; ЕУ има нацистички корени – последниов случај е поврзан со напис објавен на рускиот сајт Katehon.com која некои канали одново се обидоа да ја прошират. Но и старите лаги се сепак лаги.
Потоа се појави аферата Страхе. Приказната за австрискиот вицеканцелар Хајнц-Кристијан Страхе, објавена во германските весници „Зидојче Цајтунг” и “Шпигел”. На видео-снимката, изгледа дека Страхе и нуди на Русинка јавни договори, доколку таа обезбеди акции од еден австриски весник и обезбеди поддршка за партијата Страхе. Видеото предизвика сериозен политички потрес во Австрија, а про -руските (Кремљ) медиуми веднаш ја припишаа целата афера на „европските либерали”, „Големите европски браќа”, „германската и шпанската безбедносна служба “, а па дури и дека германската канцеларка Ангела Меркел е лично инволвирана; случајот е опишан како германско мешање во внатрешни работи на Австрија или „информатички терористички напад”. Страхе беше посочен како поддржувач на соработката со Русија. И во таа насока, од овие про-руски (Кремљ) сајтови за дезинформации „дознаваме“ дека починатиот лидер на партијата на Страхе, Јерг Хајдер, веројатно бил убиен од „Европската дип стејт” во 2008 година.
Некои од случаите на дезинформации изгледаат речиси како фотокопирани. Секоја недела, некои од тие сајтови ги повторува истите здодевни познати лаги: за инцидентот во Керч во ноември минатата година, за тоа како САД ги попречуваат сите обиди за постигнување мир во Донбас; за т.н. референдум за Крим во 2014 година, или некои варијации на темата на за тоа Украина да не биде независна држава. Други лаги, пак, се малку повеќе инспиративни и креативни – како онаа дека Западот им плаќа пари на белоруски историчари, за да почнат да го користат зборот нацизам, наместо фашизам или дека САД имаат намера да го променат своето име во Социјалистички американски држави.
Дали се здодевни, дали се забавни, стари или нови лаги. Лаги се лаги. Целокупниот систем на ширење дезинформации продолжува, исто така, и во периодот до изборите во ЕУ. А сепак – европските гласачи изразија поддршка за систем кој дозволува и несогласување и незадоволство. Односно, различност на мислења. Ние, Европејците, никогаш не сме замислувале дека сите мораме да се согласиме за сè, но се согласуваме со концептот на јавна, отворена дебата за сите прашања базирана на почитување на мислењата. Демократијата е чин на пркос. Одмазда против секој кој сугерира лесен одговор на сложените предизвици. Одмазда против лагите.





