Време е Европската унија и покрај внатрешните предизвици со кои се соочува да покаже лидерство и да и даде датум за преговори на Република Северна Македонија, со оглед на тоа што земјата досега доби најчист извештај, ги испорача зададените задачи и ги реши билатералните спорови со соседите. Во спротивно, Унијата би го загубила својот кредибилитет. Најоптиминално е датумот да биде даден во јуни пред изборите во Грција и евентуалните промени таму, но голема е можноста тоа да се случи наесен – изјавија денеска од невладината организација Евротинк.
„Доколку не почнат преговорите нема да биде казнета само нашата Влада. Нашата Влада може да биде казнета од граѓаните на друг начин. Ќе бидат казнети граѓаните кои покажаа огромен разум поддржувајќи ја Преспа, останувајќи проевропски“, кажа Љупчо Петковски, извршен директор на невладината „Евротинк“.
Добивањето датум за преговори е неизвесно поради тоа што 2019 е тешка година и постојат одредени резерви генерално кон проширувањето.
„Тие сметаат дека тоа би се спречило со забавување на процесот на проширувањето. Ние сметаме дека тоа е парадоксално и тоа ќе доведе токму кон дополнителен раст на национален популизам. Ако не добиеме преговори тогаш противниците на европските вредности, противниците на Преспа, противниците на се што беше позитивно изминативе две години ќе добијат многу посилни аргументи и ќе речат: Не вредеше ништо да се направи. На тој начин сметам дека ќе порасне популизмот на Балканот. Европа, бранејќи се од популизмот со недоволно осмислена политика на некој начин парадоксално може да го зголеми популизмот на Балканот“, рече Петковски.
Дополнителен аргумент зошто треба што е можно поскоро да добиеме датум е и можноста за евентуалната смена на власта во Грција.
„ Мицотакис веројатно ќе стане премиер имајќи ги на ум резултатите од европските избори, а во Грција парламентарни ќе се одржат кон крајот на следниот месец. Има голема можност Мицотакис понепријателски да биде наклонет кон Преспа од претходната влада. Тоа е уште еден аргумент зошто треба пред извесната смена на власта во Грција да се случи отворањето на преговорите“ кажа Петковски.
Магдалена Лембовска од Евротинк оцени дека во многу области во Извештајот има позитивни коментари, дека нешто почнало да се случува, донесени се закони во клучните реформски области формирани се институции, но се заостанува во имплементација на законите посебно во постигнувањето резултати во борбата против корупцијата на високо ниво и борбата против организираниот криминал.
Важно е да се обезбедат неопходните ресурси за да се овозможи функцонирање на институциите, а особено е важно да се стави фокусот на поглавјата 23 и 24.
„Посебно е важно поглавјето 24 она што за земјите членки на ЕУ најмногу се интересираат кога се асоцираат на Западен Балкан е каква е борбата против корупцијата и организираниот криминал, справувањето со насилен екстремизам и тероризам, миграцијата, азилот“, рече Лембовска.
Од Центарот за европски стратегии исто така невдуваат дека Владата осум месеци доцни и со формирањето на преговарачката структура која треба да ги води преговорите за членство во ЕУ. Составот на работните групи требаше да биде познат до октомври минатата година, но преговарачкиот тим до денес не е објавен.




