Во портретот кој германскиот Франкфуртер алгемајне цајтунг го објави за македонскиот претседател, Ѓорѓе Иванов е опишан како „најнерелевантниот претседател во историјата на Македонија“, обајви Дојче Веле.
Кога македонскиот претседател ќе каже нешто, тоа не значи и дека имал нешто да каже, пишува ФАЦ.
Иванов се портретира како политичар „без идеи и амбиции“ кој, за разлика од неговиот претходник Борис Трајковски, повеќе „сака да отвора мостови и фестивали за колбаси“ отколку да ја претставува земјата во странство.
„Кога владејачката македонска конзервативна партија ВМРО (ДПМНЕ) во 2009-та го номинираше, дотогаш во земјата малку познатиот, професор Ѓорге Иванов за кандидат за претседател, секој во Скопје знаеше кој стои зад него: премиерот Никола Груевски, кој како лидер на ВМРО беше најмоќниот човек во државата, сакаше сервилен претседател без сопствени политички идеи и амбиција – повеќе како уставна декорација. По седум години на власт може да се каже: Иванов не го разочара Груевски. Во меѓувреме во својот втор мандат, тој до неодамна беше сметан за неважен од страна на сите политички партии“, се вели во пишувањата на медиумот.
Тие за Борис Трајковски пак, пишуваат дека е претседател кој станал пријател со Џорџ Буш, кому му успеа да придобие важни пријатели за Македонија низ цела Европа, како што за последен пат покажа и неговиот погреб а Иванов повеќе се фокусирал на домашен терен, отворал мостови, фестивали на колбаси или училишни натпревари и обично не пројавувал љубопитност за странски држави.




