Министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот неделава веќе расправале за воведувањето санкции кон врвните политичари во Македонија, пишува „Фајненшел Тајмс“.

Одлуката ќе наликува на таа донесена одамна за Виктор Јанукович во Украина.

Ова денеска го објави „Фајненшел тајмс“ повикувајќи се на висок функционер на ЕУ инволвиран во процесот во Македонија кој нагласил дека одлуката за воведување санкции се уште не е донесена и дека за да се спречи мора да се повлече амнестијата од страна на претседателот Ѓорге Иванов и да се направат клучните реформи.

Со тоа Брисел практично најавува дека Иванов ќе биде на врвот на листата на санкционирани политичари, а по него ќе следат функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Санкциите предвидуваат забрана за патување, како и замрзнување на сметките и имотите, пишува весникот.

„ЕУ е подготвена да воведе санкции на политичарите што го блокираат решавањето на кризата. Македонија оди кон меѓународна изолација“, изјавил високиот функционер на ЕУ за „Фајнаншел тајмс“.

Сите земји членки на ЕУ треба да ја одобрат одлуката.

Освен тоа, најдиректно ќе бидат замрзнати македонските евроинтеграции , со одземање на препораката за преговори и ќе бидат повлечени поканите за учество на самитите на НАТО во Варшава и на Западен Балкан во Париз.