Пратеникот Беким Фазлиу од ДПА денеска на собраниската говорница ја искина предлог програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во 2013 година и eден дел од неа фрли кон салата.
-Oва што го правите е потсмевање со Албанците. Тоа е навреда за нив. Затоа, оваа програма е со поминат рок и не заслужува воопшто да се дискутира за неа. Срам за Албанците, но и срам, за вас затоа што дозволувате да се расправа за работи кои се веќе завфштени, рокот им е поминат, рече Фазлиу.
Спикерот Трајко Вељаноски даде пауза по овој инцидент, велејќи:
-Треба да се внимава од говорницата, не треба да се натрпеваруваме со глупости, рече
Ермира Мехмети, ДУИ, реагираше со зборовите:
-На Фазлиу и на ДПА не им е првпат да манифестират некултурно однесување, рече Жално е што за програмата за култура доживеавме некултурно однесување. Но, тоа не им е првпат.
Според Националната демократска преродба и денешниот инцидент покажува дека е преголема нетрпеливоста помеѓу партиите на Албанците. Мора да се надминат страстите, треба да се седне и да се разговара, рече пратеничката Фламуре Демири – Креци.
Предлог програмата за одбележување на значајни датуми и личности за 2013 година се носи со задоцнување поради настаните од 24 декември и бојкотот на работата на Собранието и комисиите од страна на опозицијата.
Претходно, програмата беше усвоена во Комисијата за култура, а таму беше забележано дека без оглед на задоцнувањето сите предвидени значајни настани од програмата веќе се одбележани.



