Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер игра фантастична сезона. Малку кој се надеваше дека, по лошата 2016 година, ќе успее да освои три големи и силни турнири во првиот квартал од тековната. На Австралија опен и Индијан Велс, во неделата го додаде и трофејот во Мајами и најверојатно ќе паузира до крајот на мај за кога е закажан Ролан Гарос.
„Најверојатно нема да играм на ниту еден турнир до Ролан Гарос. Ми треба одмор. Повеќе не сум млад и морам да избирам турнири за да останам здрав. Затоа оставам можност за промена на распоредот, но така размилувам во моментот“, порача Федерер по победата во Мајами.
Федерер вчера ја забележа четвртата победа едноподруго против Надал за конечни 6:3, 6:4 и трета титула во кариерата во Мајами. Ако остане на најавена мисла за пауза, тогаш рекордерот по бројот на освоени гренслемови ќе ја пропушти комплетната сезона на земја до Ролан Гарос што значи отсуство на Мастерсите во Монте Карло, Мадрид и Рим.