Фејсбук објави дека забележал обиди за политичка манипулација кои можеби имаат врска со доближувањето на американските парламентарни избори закажани за ноември. Социјалната мрежа не кажа кој стои зад овие обиди но сите погледи се свртени кон Русија.
Фирмата наведе дека од социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм избришала 32 профила, бидејќи нивните сопственици учествувале во координирано дејствување и затоа што профилите најверојатно биле лажни. Фејсбук додава дека не знае кој стои зад овие активности, но можно е да постои врска со Русија, бидејќи била откриена поврзаност меѓу овие профили и профилите на руската приватна компанија Агенција за истражување на интернетот кои биле избришани по претседателските избори во САД во 2016 година.
– Се уште истражуваме но кој и да ги креирал овие лажни профили добро се погрижил да го скрие својот идентитет па така ние не знаеме со сигурност кој стои зад ова. Сепак, еден дел од оваа активност е сличен на она што го правеше Агенцијата за истражување на интернетот пред и по изборите во 2016 година, напиша Марк Зукерберг на својата страна на Фејсубук.
Тој додава дека станува збор за софистицирани и добро платени противници кои постојано еволуираат и прават обиди за нови напади.




