Канцеларијата на комесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе, потврди дека тој го добил писмото што вчера до него го испрати македонскиот премиер Никола Груевски, јавува МИА.
Според портпаролот на Европската комисија, Питер Стано, Филе го добил писмото од Груевски, во кое премиерот му посочува на еврокомесарот дека заклучоците на ад-хок Комисијата за настаните од 24 декември 2012 година се донесени со цел да не запре евроинтегративниот процес на Македонија.
Иако Груевски од Филе побара во октомврискиот извештај на Комисијата повторно да биде содржана препораката за отворање на преговорите за членство на Македонија во Унијата, како и барање лично од комесарот преговорите наскоро и да започнат, од канцеларијата на Филе сеуште не го соопштуваат неговиот одговор на барањата.
– Во принцип, ние не коментираме за преписките што комесарот ги има со неговите партнери, ниту коментираме за писмата што тој ги добива од сите земји од неговото портфолио, вели Стано.
Новиот извештај за напредокот на Република Македонија во евроинтеграциските процеси, Еврокомисијата ќе го издаде на 16-ти октомври.




