Евро-комесарот Штефан Филе по средбата со премиерот Никола Груевски во Брисел порача дека продолжува одблиску да го следи случајот Кежаровски, барајќи медиумска култура, но и праќајќи порака за неговата загриженост за партиската поларизација, како и дека бара засилена борба против корупцијата и организаираниот криминал.
Во соопштението на Кабинетот на евро-комесарот за проширување се вели:
-Разговорите се фокусираа на неодамнешните политички случувања и реформски приоритети кои Комисијата ги нагласи во Извештајот за напредокот на оваа година и начините како да се надминат недостатоците истакнати таму.
Комесарот Фуле изрази загриженост за зголемувањето на поларизација меѓу политичките партии во земјата. Тој го повтори својот повик за конструктивен сеопфатен дијалог и одговорна политика за национален интерес .
Во областа на владеењето на правото, тој ја истакна потребата да се подобри предвидливоста, еднаквоста и транспарентноста на процесите на донесување одлуки со цел да имаат доверба на јавноста и да се засили борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Комесарот ја покрена исто така, неодамнешната судска пресуда против истражувачкиот новинар и други, и рече:
” Ние ќе продолжиме да го следиме случајот на г-дин Кежаровски одблиску. Ние внимателно ќе ја проучиме пресудата кога ќе биде достапна и го очекуваме исходот од овој случај, да води целосно сметка за основните принципи на праведност, пропорционалност и јавен интерес. ”
Што се однесува до слободата на изразување, тој истакна дека повеќе треба да се направи за да се обнови довербата меѓу Владата и медиумската заедница, по настаните на 24 декември, а по консултациите на законите за медиуми ова лето и да се подобри целокупната медиумска култура.
Новото законодавство за клевета мора да се спроведе во пракса и секоја промена на релевантното законодавство мора да резултира , де факто , со воспоставување на подобра рамка за слобода на изразување, се вели во соопштението на Кабинетот на Филе.
Груевски пак, кој претходно информираше за средбата, соопшти дека со Филе разговарале за повеќе детали, за повеќе серии, за повеќе случувања во односите на Македонија со ЕУ. Тој вели дека со еврокомесарот ќе продолжат да бидат во комуникација и дека се надеваат оти наскоро ќе продолжи и процесот на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), со надеж дека ќе се најде решение како да се придвижат работите во правец на отпочнување на преговорите за членство.
– Тоа не е лесно прашање и не зависи од самиот Филе, туку зависи од друг, зависи од нашиот јужен сосед. Но, и на комесарот за проширување не му е сеедно што е ваква ситуацијата. Пет години по ред добиваме позитивни извештаи, пет години по ред добиваме препорака за почеток на преговорите од страна на Комисијата и пет години по ред Европскиот совет не е во можност таа препорака да ја преточи во преговори заради една земја-членка, односно нејзиното противење со нашето име на државата, на јазикот и на нацијата, додава Груевски.




